Миовски стрелаше за минимална победа на Македонија против Фарски Острови

Фудбалската репрезентација на Македонија стигна до минимален триумф од 1-0 на пријателскиот натпревар против селекцијата на Фарски Острови на арената „Тодор Проески“ во Скопје. Бојан Миовски во 82.минута го постигна победничкиот гол за македонскиот национален тим.

Напаѓачот на Абердин влезе во шеснаесетникот и со десната нога од 15 метри шутираше во спротивниот агол од голот на противникот.

Три минути претходно Елиф Елмас имаше одлична шанса да го отвори резултатот, но голманот на Фарски Острови го одбрани неговиот удар.

Во првото полувреме, Езгјан Алиоски ја погоди гредата, а во 28.минута не беше досуден пенал за Македонија откако еден дефанзивец на Фарски Острови играше со рака во сопствениот шеснаесетник.

Капитенот Стефан Ристовски го одигра 80.натпревар за националниот тим, а дебитираше Јован Манев. Мора да се потентира и скромната посета на нашиот најголем стадион, мечот го следеа едвај 500 гледачи.

Претходна вестТројца повредени во сообраќајка на патот Струмица – Радовиш
Следна вестУтре и задутре посебен сообраќаен режим низ Скопје