Мисајловски: Сега сме еднакви во НАТО, но не смееме да заборавиме дека како држава дадовме многу

Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност, најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет и важен предуслов за благосостојба на граѓаните. Ние не сме повеќе објект во гео-политичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања. Моментално го имаме најголемиот буџет во Министерството за одбрана во овие децении. Важно е Армијата да се модернизира, да ги модернизираме нашите капацитети и да вложуваме во човечкиот потенцијал.

Ова беа главните пораки од денешната трибина „Пет години членство на Република Северна Македонија во НАТО: Постигнувања, перспективи и предизвици“, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, во организација на Дипломатскиот клуб – Скопје и Здружението на ветераните и резервистите од областа на одбраната и безбедноста.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски во своето обраќање денеска на трибината нагласи дека ние како земја имаме две стратешки цели, НАТО и ЕУ.

-После овие 30 години, се уште сме надвор од ЕУ семејството, сè уште сме во чекалната. Дадовме многу жртви. Како држава, дадовме многу од нашиот идентитет, промена на име, промена на знаме, промена на банкноти и многу отстапки кои се случувале изминатите години. Да, сега сме еднакви во НАТО, но не смееме да заборавиме дека ние сме сериозна земја членка од 2008 година. И тогаш беше нашето место во НАТО. Сега седиме еден до друг, имаме право да си го кажеме нашето мислење, но секој од вас е заслужен што Македонија е во НАТО, рече Мисајловски.

Како што посочи, она што е обврска за нас и она што сме го добиле од НАТО, ќе го исполнуваме. Тој напомена дека 32 проценти од нашиот буџет оваа година, се директно одвоени за модернизација.

-Пред нас се сложени времиња. За жал, на европското тло има повеќе од три години војна, но не само на европското тло, туку и надвор од границите на континентот имаме загрижувачка безбедносна ситуација. Она што е важно за нас како држава, е да имаме над 2 проценти буџет, во овој момент тоа го имаме. Треба да се разговара и за регионалниот пристап, треба да се разговара што е најпотребно за нашата Армија, но исто така и да помагаме на сите наши сојузници и пријатели. За да бидеме едно големо семејство, треба да ги достигнуваме сите оние постапки што ги прават големите земји во НАТО, додаде Мисајловски.

Тој информираше дека редовно се исплаќаат сите средства на сите војници, на сите офицери и тоа така ќе продолжи. Напомена дека Министерството паралелно ќе издвојува средства и за нивните капацитети, а паралелно и ќе се модернизира.

-Моментално го имаме најголемиот буџет во Министерството за одбрана во овие децении и максимално ќе се посветиме, целосно да помагаме во човечките ресурси, но исто така да ги подобруваме нашите капацитети. Голем број на нашите капацитети што ги има Миниистерството за одбрана, но и во Армијата, се за жал во лоша состојба. Кога треба да бидеме еднакви на масата и да седиме со другите земји членки, треба да одвојуваме средства и за овие објекти. Согласно НАТО потребата, ние треба да издвојуваме 20 проценти од нашиот буџет за модернизирање. Навистина, оваа година ќе има многу проекти кои ќе ги реализираме, додаде министерот.

Генералот во пензија, Павле Арсоски во своето обраќање денеска на трибината потенцира дека членството во НАТО како стратешка цел секогаш имало силна поддршка од граѓаните и широк натпартиски, меѓуетнички и општествен консензус.

Претходна вестУште еден смртен случај и 2.347 нови заболени од грип во државава
Следна вестЈа снимал 15 годишната девојка додека имале сексуален однос, кога сакала да му раскине и се заканувал