Јас не мислам дека Вселенската Патријаршија ќе побара промена на нашето уставно име, тоа воопшто не е црковна проблематика – генерално, освен, ако именувањето случајно не задира во нечија друга јурисдикција, ама и за тоа постои договор, вели струмичкиот митролит на МПЦ-ОА Наум. Во интевјуто што го објавува радиото Strumica.net тој потсетува дека Вселенската Патријаршија сите томоси ѕа автокефалност ги издава без национален предзнак.
-Не мислам дека Вселенската Патријаршија ќе побара од нас промена на нашето уставно име, а како добра Мајка Црква ќе ни даде со Томосот исто колку што дала и на сите останати – ни помалку, ни повеќе, а посебно што пред цел свет ќе ни го потврди и утврди нашето најсвето, најславно и суштинско црковно име – Охридска Архиепископија, како и нејзиниот историски континуитет, што ќе биде признато од сите Помесни Цркви. Треба сите да знаеме дека Вселенската Патријаршија, како Мајка Црква, која се грижи за сеправославното единство, сите Томоси за автокефалност дадени досега од неа ги именува без национален предзнак, на пример: Пеќска Патријаршија, Трновска Патријаршија, Московска Патријаршија, Охридска Архиепископија итн., или Православна Црква на Грција, Православна Црква на Романија, Православна Црква на Албанија итн. – со што се истакнува нивното единство, а не Руска, Српска, Бугарска, Македонска или Грчка Православна Црква – со што се потенцира етничката поделба. Некои Цркви си го додале и националниот предзнак потоа, како резултат на разни борби за осамостојување или освојување, но не велат дека е така поради тоа што е тоа само нивна национална црква, бидејќи етнофилетизмот е осуден како ерес од целата Православна Црква и користењето на името во таков контекст е крајно недозволиво, затоа ваквото именување го правдаат со пастирски причини и го извлекуваат од името на својата држава. Сепак, Вселенската Патријаршија, досега, требаше да свика сеправославна конференција на која сите ќе се договоревме имињата со национален предзнак да се користат за интерна употреба – од пастирски причини, додека во меѓусебната комуникација да ги користиме имињата кои го потенцираат единството; за жал, таква средба сѐ уште нема. Колку што се сеќавам, ние уште пред неколку години се договоривме кон грчкиот свет на Цркви да го користиме името Охридска Архиепископија, а на тоа нѐ упатува и документот што Пеќската Патријаршија го нарече Томос за наша автокефалност. Ние сме им многу благодарни за тој документ, иако и тој документ си има свои недостатоци, вели овој владика.
Тој додава дека томосот за автокефалност треба да дојде од Вселенската патријаршија.
-Треба да дејствуваме согласно одлуките што нашиот Свет Синод ги донел досега, така што, на пример, една од нашите клучни одлуки е и дека бараме Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија. Секое заземање на една страна во постоечкиот конфликт меѓу Цариград и Москва би значело губење на нашата скапо самопрогласена автокефалност и наше претопување во едната од двете страни – и губење на сѐ. Всушност, ние и поради тој конфликт бевме прифатени, инаку кој би нѐ признал за што било…, смета струмичкиот митрополит.
Во однос на останатите услови кои ги поставува Вселенската патријаршија, а ги кажа архиепископот г.г. Стефан, струмичкиот владика вели дека проблемот околу дијаспората е лесно решлив.
-Што се однесува до нашата дијаспора, тука барем немаме никаков проблем. Колку што јас знам и колку што јас сум бил присутен на разговори на таа тема, од нас се побара само титулите на нашите Епископи да не се поклопуваат со титулите на Епископите на Вселенската Патријаршија – што не е никаков посебен проблем. Тоа е единствената молба кон нас, особено што и тие и ние знаеме дека имотот на дијаспората е имот на приватни компании или здруженија, и со тој имот единствено самите тие си располагаат и никој друг, па ни ние, како Свет Синод. Затоа Архиепископот вели дека евентуалното такво барање би било крајно невозможно. Прашањето за црковно-административно регулирање на дијаспората ќе се решава на некој иден Вселенски Собор – ако даде Бог, нагласува владиката Наум.
Во однос на условот за признавање на новата Православна црква на Украина тој објаснува дека и тоа може лесно да се надмине.
– Што се однесува до Православната Црква на Украина, барањето на Вселенската Патријаршија не е да ја признаеме таа Црква, туку само да сослужуваме со нејзините Епископи, и тоа не сите ние, туку кој од нас сака. И ова прашање не е нерешливо, посебно ако се има предвид дека на овој начин и други Цркви го решиле проблемот, а со тоа би можело да се одржи, посредно и непосредно, целото единство на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, вклучувајќи ја тука, секако, и Московската Патријаршија и нејзините интереси. Со вакво решение никој нема да биде потполно задоволен, ни Цариград – ни Москва, но и никој не би требало да биде и потполно незадоволен, битно е дека севкупното црковно единство ќе се одржи, посредно или непосредно – што е најважно. Ние, кои сме непризнати – од повеќето, како автокефална Помесна Црква, ќе имаме право да ја признаваме автокефалноста на некоја идна Помесна Црква, но дури откако најпрво и ние добиеме Томос за автокефалност од Вселенската Патријаршија, вели струмичкиот владика.