Мицкоски од Ташмаруништа: Срамно е што за прв пат во 30 години независност власта ја промени прославата за Илинден

Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт до сега, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 2 Август од  Ташмаруниште, Струга.

-Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашето македонско верују, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слободата, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме, рече Мицкоски.

Знам дека ова време, додаде тој, се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила некогаш позната во човештвото.

Според него, срамно е што за прв пат во триесет години независност власта ја променила прославата за Илинден.

-На Мечкин Камен нема говор, едно затоа што немаат што да кажат, друго затоа што се плашат од народот кој ќе им каже што мисли за нивното владеење. Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување, рече Мицкоски.

Тој упати порака за обединување во блок против актуелната власт.

– На една маса мораме да седнеме сите на кои Македонија ни е важна и таквата подадена рака ќе значи свесен чекор и одговорност спрема народот. Народот ќе ја види разликата. Една прачка лесно се крши, но цел сноб прачки е силен како греда. Затоа тука од Ташмаруништа, на ден Илинден испраќам порака на обединување, на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок, составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода, испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт до сега, рече Мицковски.

Претходна вестЗаев од Пелинце: Партиските интереси не не прават патриоти
Следна вестЏафери: Крушевскиот манифест и документите на АСНОМ го дефинираат мултиетничкиот карактер на нашата држава