Мицкоски со писмо до народот: Сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега

Кампањата е во самиот финиш. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се одлучи на граѓаните да им испрати писмо, кое многумина го добиваат во своите поштенски сандачиња.

-Кус е периодот во кој можевте да ме запознаете, да стекнете впечаток за мене и за она што го преставувам и за што се залагам. Знам дека политичарите кои добро ги познавате, силно ве разочарале. И не ви велам безрезервно да ми верувате, но тврдам дека од вашата одлука зависи дали ќе заминат тие кои ве разочарале, и поради кои со право се чувствувате резигнирано кон политиката, или ќе продолжи оваа неподнослива и грда реалност, вели во писмото Христијан Мицкоски.

Тој објаснува дека гласот на изборите ги менува работите и дека со негласање им се дава право на оние кои разочарале да продолжат тоа да го прават.

-Вашиот глас, пак, ни дава шанса нам, новата генерација политичари, политичари без хипотеки, да ги менуваме работите. Нам ни треба држава и власт која ќе ви служи вам.

И нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува.

Не живеете подобро. Тие сакаат да ја поткопаат самодовербата на народот за полесно да управуваат. Сакаат да ви влеат сомнеж и да нè извалкаат нас новите во високата политика за да се одлучите за помалото зло. Но, ова не е игра на поголемо и помало зло, туку промена која ќе донесе повеќе победи и заеднички успеси, зашто сигурно е дека со нив нема да биде подобро.

Постојат стотици причини зошто да не гласате за власта, а јас ќе ви дадам неколку силни причини зошто треба да го заокружите бројот 14 и да гласате за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Мора да си ја обновиме земјата, економски, политички општествено. Принципите и вредностите да станат начело по кое ќе се раководат политичарите. Потребни се пари за народот, а тоа ќе овозможи подобра иднина, остварување на соништата за силна држава.

Запрашајте се добро кому би му дале да ја изгради вашата куќа? На оној кој само ви ветува дека ќе ја изгради најубаво, а никогаш не ставил тула, или, пак, на оној кој знаете дека работи и вистински е подготвен за најдобрите резултати. Не смееме да се помириме со просечноста, туку мора да работиме за најдобри резултати во секое поле.

Триесетина години, од независноста до денес, лојални сте кон Македонија, време е таа сега да ви врати.

Како човек и како личност со име и чест врз која се потпира моето име, се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе подобрувања во првите сто дена од новата влада. Се обврзувам пред работниците да добијат поголеми плати, пред невработените да им обезбедиме работа која ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзувам да добијат повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд, конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзувам да обезбедиме пониски трошоци за правење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња. Се обврзувам да обезбедиме општество ослободено од политички притисоци, кое ќе се темели на европските вредности и правда. Македонија е Европа, а заедно ќе ја направиме и членка на ЕУ, потенцира Мицкоски во писмото.

Претходна вестДобро е, завршува кампањата, некои лаги ептен не се трпеа
Следна вестКазнето 251 лице, не носеле заштитни маски