Отчет од шефот на државата Стево Пендаровски зошто му го дал мандатот на Зоран Заев кој нема обезбедено парламентарно мнозинство побара денеска Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. На прес конференцијата тој побара Пендаровски да ги прими на средба него и дел од пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ денеска во 15:30 часот.
-Ќе се упатиме од овде, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ кон канцеларијата на претседателот, да видиме врз основа на кои докази Заев го убедил да го добие мандатот. Апелирам Пендаровски да не прими мене и уште еден пратеник и да разговараме за доказите врз основа на кои пратеникот Заев го убедил дека поседува мнозинство во парламентот каде ќе се гласа новата Влада. Во спротивно, Стево Пендаровски го крши Уставот, нагласи Мицкоски.
Тој обвини дека со ваквиот чин бил прекршен Уставот.
-Денеска бевме сведоци на очигледно кршење на Уставот, а од денес активен учесник во тоа е и Пендаровски. Тој без никаков доказ денеска му го даде мандатот на Заев. Пратеникот Заев и самиот кажа дека нема мнозинство. Претседателот на државата беше активен учесник во прогласувањето на вонредните состојби според потребите на Зоран Заев и СДСМ за да се организираат изборите, рече Мицкоски.