Младите ги учиме да станат добри говорници и да немаат трема

Клуб на оратори

Во историјата остануваат запаметени само најзначајни настани: големи битки, победи, порази, договори… Но, остануваат запаметени и говори на учесници во историските настани. А тие говори најчесто се изговарани на големи настани, при што своето место во паметењето на граѓаните го нашле благодарение на силните пораки кои биле искажани. Заради тоа, останале запаметени говорите на Демостен и Цицерон, а во поново време многумина граѓани се сеќаваат на говорот од 1963 на борецот за човекови права Мартин Лутер Кинг насловен како „Имам сон“, на британскиот премиер Винстон Черчил од 1940 година кога во предвечерието на Втората светска војна на граѓаните им ветил „крв, пот, солзи, страдања…“

Токму такви примери, но и се она што доброто говорништво го носи со себе и афиримирање на реториката воопшто меѓу младите, се цел на постоење на Клубот на оратори „Forum Oratores” на Правниот факултет во Скопје. Клубот постои веќе 19 години и до сега низ него поминале околу 400 членови. Сега се активни педесетина, а член може да биде секој кој е заинтересиран.

Кај нас е познат слоганот ,,Поетот се раѓа-ораторот се создава” што би рекло дека ораторството е занает кој се учи, а ораторот е единствено одличен говорник преку вежбање и практикување на јавно говорење. Вежбањето во себе вклучува најнапред избирање тема за која ќе се говори, пишување говор и практични вербални и невербални вежби и правила со цел усовршување на вербалната и невербалната техника на говорење, ни објаснува Марија Смилковска, претседателка на Клубот.

Овој клуб е познат и по организирање на ораторските вечери на кои се натпреваруваат младите студенти. Но, освен ова, организираат и обуки во средните училишта низ Македонија. Освен тоа, има и советувања како да се победи тремата пред јавен настап, како се пишува говор, за вербална и невербална комуникација…

Најчесто автори на говорите на ораторските вечери и натпревари се токму самите оратори. Но не се исклучува можноста да се организира тематска ораторска вечер каде се изведуваат говори на познати историски личности кои со своите дела и говори оставиле траг на човештвото, ни објаснува Смилковска.

Таа додава дека со вакви активности ќе продолжат и понатаму бидејќи јавното говорење е многу присутно во секојдневниот живот на граѓаните.

Значењето на ораторството е големо бидејќи со него се афирмира јазикот и литературата, се поттикнува  на младинска активност и критичка мисла, и секако важно е правилно да говориме, потенцираат во Клубот на ораторите.

Повеќето јавни личности под правилата за говорење

Претседателката на Клубот на ораторите смета дека она што граѓаните го слушаат како јавно говорење од нашите јавни личности не е на потребно ниво

Во етерот, на нашата јавна сцена, се чини, дека повеќето јавни личности со сигурност треба да се потсетат на правилата за говорење, но секогаш постојат исклучоци и добри примери, потенцира Марија Смилковска.