Многу е мал телевизискиот простор за оние што создаваат култура

Познатата телевизиска презентерка на вестите на Канал 5, Татјана Стојановска смета дека телевизиите мора да имаат поголема улога во кревањетo на свеста на граѓаните кога се работи за најважните градски проблеми.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?

Телевизијата покрај интернетот се уште е медиум кој го задржува вниманието на гледачите. Традиционалните гледачи, повозрасната публика пред се сакаат да се информираат и да се забавуваат преку телевизија. Секако понудата е разновидна, па секој избира да гледа тоа што му е интересно. Јас сакам да гледам филмови и некои забавни емисии, ток шоуа кои за жал помалку ги има на нашите програми. Омилени ми се хумористичните емисии. Тоа го препорачувам и на гледачите секако.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Би сакала да видам емисија за патувања и дестинации во светот, патеписи за одредени места, документарни емисии. Емисии за граѓански теми, она што го засега граѓанинот во секојдневието. Повеќе детски емисии. Би направила емисија од културата, каде би се претставиле творци од различни области од културата – сликари, актери, изработувачи на рачни изработки, писатели, модни креатори. Со еден збор оние кои нешто создаваат. Многу е мал телевизискиот простор за таквите луѓе.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

-Скопје е застапено во медиумите, но пред се со проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Комуналните проблеми и инфраструктурните кои, за жал, се нерешени. Загадувањето е горлив проблем што го мачи градот и за кој треба да дадеме сите придонес. Свеста на луѓето за еколошкиот аспект на живеењето е на многу ниско ниво. Телевизиите освен што информираат треба и едукативно да влијаат за да се подигне свеста и да се предочат последиците од загадувањето врз здравјето. Мислам дека повеќе треба да се подига свеста во таа насока.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Секој одбира што ќе гледа, но она што јас го одбегнувам се турските серии, не ми се интересни. Секако не можам да сугерирам да го сменат каналот на нив, но јас не ги гледам.