Многу пари се дадоа за акции во „Скопски пазар“, ќе се плати ли и за подобрување на пазарите?

Во „Скопски пазар“ се менува сопственичката структура. Имено, мајката Тодорка и синот Сашо Давитковски веќе не се акционери во фирмата која управува со 13 зелени пазари во Скопје, откако ги продадоа акциите за 1,7 милиони евра.

Со 22 проценти од акциите тие досега беа двајца меѓу петте најголеми акционери во оваа компанија чија сопственост во изминативе години во најголем дел се врзуваше за семејството Давитковски.

Како што соопшти ова акционерско друштво преку Македонската берза, вчера во блок трансакција беа истргувани вкупно 17.532 обични акции издадени од „Скопски пазар“ АД Скопје, по цена од 6.169,61 денари по акција, во вкупна вредност од 108.165.602,52 денари.

-Досегашниот акционер Тодорка Давитковска изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во ‘Скопски пазар’, односно 8.055 обични акции, што претставува 11,36 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од ‘Скопски пазар’ и повеќе не е акционер во ‘Скопски пазар’“. Досегашниот акционер Сашо Давитковски изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во ‘Скопски пазар’, односно 7.546 обични акции, што претставува 10,64 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од ‘Скопски пазар’ и повеќе не е акционер во ‘Скопски пазар’“, стои во соопштението објавено преку Берзата.

Се наведува и тоа дека со состојба од акционерската книга од 05.08.2020 година ЛИКО-ПРОЕКТ ДООЕЛ се појавува како акционер со над 5 отсто во акционерската структура на „Скопски пазар“ со вкупно 17.532 обични акции или 24,71 отсто од бројот на обични акции со право на глас, односно 20,49 отсто од вкупниот број на издадени акции од Друштвото. Ова фирма е од областа на производство, градежништво, трговија, услуги и транспорт со седиште во Липково.

На крајот на минатата година најголеми акционери во ова акционерско друштво биле „Современ дом“ АД Прилеп, со 24,8 отсто од акциите, „ЗСФ ком“ ДООЕЛ Скопје со 22,72 отсто, потоа Скопски пазар во чија сопственост се 11,46 отсто од акциите (сопствени акции), а потоа доаѓаа Тодорка и Сашо Давитковски, додека на останатите акционери отпаѓаа 19.03 отсто од акциите.

По ова, се наметнува прашањето дали новата промена во сопственичката стуктура ќе доведе и до промени на условите на скопските пазари. Познато е дека на најголем дел од пазарите условите не се добри – нехигиена, стари тезги, нереновирани објекти… сето тоа се големи проблеми на кои постојано се жалат и продавачите и купувачите на пазарите.

Ќе имаме ли подобри пазари или само пазарите ќе имаат нови газди?

Претходна вестПрошишал низ ресторан и со колата завршил на покрив на воденица
Следна вестОпасните хемикалии од Охис ќе биле изнесени кога ќе има подобри временски услови