МНР ќе му даде и асистенти на комисистот Драги Ѓоргиев: Кого тој ќе го одбере и кој тоа ќе го плати?

Асистенти кои ќе помагаат во работата ќе добие македонскиот тим во заедничката комисија на историчарите од Македонија и Бугарија. Ова денеска го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој рече дека изборот на помошници ќе го направат самите членови од македонскиот тим.

– МНР создава Секретаријат, меѓутоа повторно од луѓе коишто ќе бидат предложени од Комисијата. Тоа ќе бидат нивни асистенти кои ќе им ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат во административниот дел и во менаџирањето на нивната работа. Тоа ќе биде цел Секретаријат што ќе биде во функција на поефикасно подготвување и функционирање на Историската комисија, бидејќи нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа, рече Османи.

Тој нагласи дека иако МНР ќе ги склучи договорите со овие луѓе во Секретаријатот, ниту едно име нема да биде предложено од Министерството, туку оти чекаат од Комисијата таа да ги избере своите соработници.

Какви кадри ќе повика првиот меѓу комисистите, Драги Ѓоргиев? Сака ли тој во комисијата помошници – историчари или само административци – асистенти?

Тоа е дилемата по најавата дека со државни пари ќе се прави уште поголем тим околу Комисијата која и зема мерка на македонската историја. На таа комисија и недостига ли некој експерт од средновековието, некој авторитетен историчар – професор? И недостига ли можеби јавна дебата со оние релевантни македонски историчари кои се вџашија од десегашното работење на Комисијата?

На вчерашното продолжување на средбите со бугарските колеги македонскиот дел од комисистите доби нов член, историчарот Димитар Љоровски, на местото на Ванчо Ѓорѓиев, кој си поднесе оставка. Љоровски е историчар и професор во Институтот за национална историја. Неговиот научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Балканот во доцноосманлискиот период и Македонското револуционерно националноослободително движење. Но, и со ова ново кооптирање не се отстрани голема забелешка којашто досега постоеше за составот на македонскиот тим – немањето на експерти за средниот век, кирилометодиевисти, палеослависти, слависти.

Бугарија неодамнешните препораките на комисијата ги оквалификува како голема дипломатска победа. Во Македонија реагираа околу 150 македонски академици, декани и универзитетски професори кои препораките на комисистите ги отфрлија со индигнација.

-Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката, реагираа тие во нивно соопштение.

Од оваа реакција се извлекоа ли некои поуки кај нашиот дел од Комисијата? Ангажирање на асистенти е можеби добра работа, но ако се во насока на подобрување на содржината која ја работи комисијата, а не за да „им помагаат во административниот дел и во менаџирањето на нивната работа“.

А и да прашаме: тие асистенти ќе бидат нов трошок во буџетот или ќе се плаќаат од високите хонорари кои веќе ги добиваат комисистите?

Претходна вестРСБСП: Секој велосипед повеќе значи моторно возило помалку
Следна вестНов бран директорски оставки во Скопје