Во однос на железничкиот Коридор 8, Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење на овој патен коридор и како земја реализира бројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад-Исток. Во тој контекст, нагласуваме дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, што претставува инвестиција од 40 милиони евра. Воедно, истакнуваме дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, што е инвестиција вредна 155 милиони евра. Дополнително, во фаза сме на тендерска постапка за избор на Изведувач за изградба на последната делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, пруга која завршува во претпоставен тунел, соопшти денеска македонското МНР за транспортните коридори 8 и 10.
Се наведува дека Република Северна Македонија ги превзема и исполни сите обврски од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, како и инфраструктурата до граничниот премин.
-Имајќи го предвид горенаведеното, уште еднаш нагласуваме дека Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од споделено стратешко значење за земјава, регионот и Европската унија.
Во таа смисла истакнуваме, дека со цел успешна реализација на ваквите проекти, особено значајно е да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. Во оваа прилика, искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридор 8, како и да ги исполни обврските кои произлегуваат од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, посочуваат од официјалната македонска дипломатија.
Во соопштението од МНР се додава дека и изградбата на патната и железничката инфраструтруктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји долж Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација.
-Тоа е наша долготрајна заложба на која посветено работиме и очекуваме еднаков степен на соработка и конструктивност и од останатите инволвирани страни во овој процес, додаваат од МНР.
До ова соопштение дојде откако Владата на Република Бугарија со зголемена доза на вознемиреност ги следи изјавите на официјални претставници на Република Северна Македонија.
-Тие се насочени кон кршење на меѓународните обврски во областа на инфраструктурното поврзување, вклучително и со пренасочување на европските фондови за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10, соопшти деновиве Министерскиот совет на бугарската влада, пренесуваат бугарските медиуми.
До ова додје откако македонскиот министер за транспорт Александар Николоски побара парите за Коридорот 8 да се пренаменат за Коридорот 10.