МОН: Ако доцнат учебниците учениците ќе учат од соодветни материјали

Почнува постапката за печатење и дистрибуција на учебниците по предметите во основно образование за кои Бирото за развој на образованието подготви нови наставни програми, соопшти Министерството за образование и наука. Сега бил изборот на економски оператор.

Согласно Концепцијата која МОН ја усвои минатата година, тие се воведуваат етапно – лани за прво и четврто одделение, а во учебната 2022/2023 по нови наставни програми ќе учат учениците од второ и петто одделение.

Од МОН за МИА објаснуваат дека во различна завршна фаза се постапките за одобрување на учебниците за кои се изготвени нови наставни програми, така што, доколку постапките се пролонгираат и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето од подготвени соодветни материјали додека ги добијат новите учебници.

– На анонимниот конкурс дел од ракописите се избрани, но има и такви кои се со забелешки  од рецензентските комисии и тие треба да претрпат одредени измени/дополнувања. Откако авторот/авторите ќе ги имплементираат, ракописот со измените повторно се враќа кај рецензентите заради констатирање на измената – информираат од МОН.

Согласно Концепцијата за основно образование, освен во печатен, учебниците од четврто и погорните одделенија ќе бидат достапни и во дигитален формат.

Претходна вестВо пелени сокриле многу златен накит, ја минале македонската граница, но…
Следна вестАрсовска: Договорот им е прекинат на лица кои не се појавувале на работа