МОН: Добивме десетина пораки за пријавување насилство

По српскиот бран насилства и масакри дури сега започна да се прави анализа на состојбите во македонското школство.

МОН објави дека на електронските адреси изминатите два дена добиле десетина пораки за пријавување насилство. Дел од нив се однесуваат на врсничко насилство, а има и од поранешни професори, со сугестии како да се превенира и намали насилството меѓу децата и младите од училишна возраст.

Се работи за eлектронските адреси  [email protected] и [email protected] на албански јазик, на кои се повикуваат учениците, професорите, сите граѓани да пријават насилство.

Во МОН неодмана почнаа консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за спречување врсничко насилство. Целта е да се креираат мерки и надополнуваат постоечките механизми за детекција и спречување на врсничко насилство, промена на пристапот за работа со деца со асоцијално однесување, за работа со нивните семејства и слично.

-Имавме дискусија со повеќе академски професори и експерти од областа на педагогијата,  психологијата, социологијата, безбедносните науки, со цел да дискутираме што е тоа што можеме да го интегрираме во нашиот образовен систем, за да превенираме несакани настани како во соседна Србија. Сите сме согласни дека промени мора да се случуваат, затоа што новото време ја менува динамиката на живот, се менуваат трендовите, се менува однесувањето на младите. Овие предизвици бараат и соодветен одговор, изјави по средбата министерот за образование Јетон Шаќири.

Во рамки на постечките механизми за справување со меѓуврсничко насилство и девијантни однесувања на децата и младите, делуваат стручните служби во училиштата, Педагошката служба и Просветниот инспекторат, а МОН има конструктивна соработка со службите на МВР.

Претходна вестПретпладневното сонце ќе го замени попладневното невреме
Следна вестМинистерот Алиу за ТикТок: Потребна е регулација на социјалните платформи