Дваесет дена пред почетокот на новата учебна година. Да се каже дека немало време за целосно истражување на терен за да се направи точна стратегија е навредливо за граѓаните и е невистина. Се разбира, тоа никој не го кажа буквално вака, но изјавата на – се уште министерот Арбр Адеми – дека не сака да прејудицира за точниот начин на стартот на наставата на 1-ви септември, е ништо друго освен немање никаков план. А уште помалку стратегија.
Па така, на само три недели пред учебната година уште стојат неодговорени најважните прашања:
-Конечно, офлајн или онлајн ќе се учи?
-Како ќе се натераат децата да носат маски и визири?
-Како ќе се однесуваат во тоалетите?
-Како во мензите?
-На колку време ќе се чистат училниците?
-На колку деца им фалат компјутери?
-Колку наставниците компјутерски се потковани за да се одвива наставата онлајн, ама вистински а не како изминатите месеци преку Вибер, Гугл Класрум или маил?
…
Има уште прашања, недозволиво неодговорени – а време имаше. За разлика од минатиот пат, односно од месец март кога бевме сите, односно беше цел свет неподготвен. Здравите и функционални системи брзо најдоа солуциии се вклопија, а ние уште не знаеме точно што ќе се прави. Но, затоа за изборите сите институции кои инаку се бираат и постојат за во служба на народот – беа одличен експрес сервис за политичките партии. Во предкампањата за време и потоа, учениците беа неважни – туку бројот на гласови.