МОН: Не смее да има прекин во работата на основните и средните училишта

И од понеделник основните и средните училишта ќе продолжат да работат, односно ќе примаат ученици и ќе организираат воспитно – образовен процес, соопшти денеска Министерството за образование.

МОН објави соопштение врзано за најавата за штрајк од страна на раководството на Синдикатот за образование, наука и култура – СОНК.

-Правната регулатива во оваа област ги штити интересите и на учениците. Согласно законите за основно и средно образование, воспитно-образовната работа мора да се реализира во текот на целата наставна година. Прекин не смее да има, освен во услови на вонредни околности како постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди, за што одлучува Владата и го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, потенцирата од Министерството.

Се укажува и на тоа дека училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно – образовниот процес.

-Тие имаат и должност да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи, каде што впрочем им е местото, наведува МОН.

Претходна вестПо скопски сообраќајници возеле 40 пијани возачи
Следна вестЌе се намали ли бројката на министри, пратеници…., оти населението се намали за 185.834 жители?