Мораше ли толку многу да се покачува цената на билетот за зоолошката градина?

Кој сака да ја посети скопската зоолошка градина ќе треба да издвои повеќе пари од порано, се покачуваат цените на билетите. Ова е ставено како точка на дневен ред на денешната седница на Град Скопје, билетот од 50 да стане 80 денари.
Скопјани се изненадени, ретко кој одобрува, повеќето со негодување ја примаат оваа најава.
– Поскапувањето е големо. Нас платите не ни се покачија 50 отсто за да ги покачат билетите за толку; директорот помалку да се бави со политика и евровизии, а да мисли повеќе за тоа како новите цени ќе влијаат на нас; ќе размислам дали пак ќе одам, претерале; можело поскромно да ги покачат, не се сите скороевичи… се дел од реакциите кои пристигнаа во нашата редакција.
Инаку, останува одредбата дека влезот за деца до три години е бесплатен. Новите цени за Зоолошката градина треба да стапат во сила на почетокот на јуни.
Од зоолошката градина објаснуваат дека им се зголемиле трошоците со проширувањето на содржините и новите животни. А наведуваат и тоа дека скопската ЗОО имала најмала цена на билет во светот. Барале на интернет и не сретнале поевтина.
Чудно, во светот има и многу бесплатни зоолошки градини…