Мостот кај „Ист гејт“ останува затворен додека не се санираат штетите

Се додека не се утврди колкава е нанесената штета и дали е безбеден за поминување мостот „Белеасица“ на кој синоќа имаше пожар, ќе остане целосно затворен за сообраќај, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Забраната важи и за пешаци и за моторен сообраќај.

-Подобро мостот да биде затворен и да заштедиме некој човечки живот, отколку тој да падне додека по него се движат луѓе. Безбедноста на граѓаните е на прво место. Доколку Градот Скопје добие информации од стручните служби и институции оти мостот е безбеден за пешаци, тој би бил отворен веднаш откако би била добиена таква информација. Штетата дополнително ќе биде утврдена, но верувам дека мостот ќе биде отворен дури по неговата санација доколку таа е можна, рече Ангелов на прес-конференцијата.

Забрането е и движење под мостот, односно по кејот на реката Вардар на потегот под мостот поради опасност од паѓање делови од заштитната бетонска облога со која е обложен долниот дел на мостот. Облогата е испукана поради пожарот.

МВР ја започнало постапката за утврдување на причините за избувнувањето на пожарот. Сомнежите е дека е можно да се случил спој на високонапонските кабли или човечки фактор со оглед на тоа што под мостот имало душеци и ќебиња, што значи дека таму престојувале луѓе.

Ангелов објасни дека пожарникарите синоќа не смееле веднаш да започнат со гасење на пламените јазици, зашто не знаеле какви сè инсталации минуваат под мостот, а со што при гасењето нивните животи би можеле да бидат загрозени. Откако беше утврдено дека нема опасност по пожарникарите и откако електричната енергија беше исклучена од мостот, тие започнале да дејствуваат.

Претходна вестЗаев: Моите деца учат во Солун, во Грција ми велат дека сум добар човек
Следна вестПриведени три лица кои се бореле за Исламска држава, најдено и оружје