Мостовите без столбови и разурната конструкција предизвик и во новата година

Mостовите со искршени и напукнати носечки столбови и надвозниците од кои паѓаат камења, и во новата година остануваат предизвик со којшто ќе треба да се справува државата. За шест вакви моста кои ги користат граѓаните, а беа посочени како опасни, реконструкцијта се’ уште не е почната, пишува Макфакс.

Еден од нив е мостот кај селото Уланци во Градско, изграден во 1973 година од ЈНА. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, го посети мостот во јуни по пријава на градоначалникот. Двајцата кажаа дека неколку носечки столбови на мостот се видливо напукнати и уште тогаш повикаа на проценка од страна на стручните лица.

Без редовно одржување опасноста е голема, особено при поројни поплави кога притисокот врз столбовите е најсилен, беше посочено.

И мостот на реката Пчиња е еден од оние во исклучително лоша состојба и со оштетени стобови, а жителите стравуваат дека ќе останат отсечени од Куманово. Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски летово информираше дека оштетените столбови ќе се санираат со средства обезбедени преку проект на ЕУ, но процедурата се’ уште не е почната.

И овој мост е изграден во 60-тите години од минатиот век од тогашната југословенска армија.

Јавноста остана во неверување по објавените снимки од мостот на реката Струмица, во Босилово, каде целосно е урнат носечкиот столб, а луѓе од пет села со трактори секојдневно поминуваат над него. При движење на мостот се чувствуваат вибрации. Ангелов пред седум месеци реше дека мостот е небезбеден и порача до Општина Босилово да викне стручни лица кои ќе ја испитаат стабилноста, кои ќе кажат дали тој може да се санира или треба целосно да биде затворен и да се изгради нов мост.

Во многу лоша состојбата се столбовите и целосната конструкција на мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес стар 47 години, назводникот кај Визбегово, а санација е потребна и за подземниот премин кај Хотелот „Континетнтал“.

Стојанче Ангелов во изјава за „Макфакс“ вели дека најголем предизвик за следната година останува следењето, односно стручниот надзор на статиката на мостовите којашто се загрозува со текот на времето, како и преземањето на градежни мерки за нејзино санирање.

Од друга страна, Ангелов како предизвик ги истакнува и инсталациите коишто одат покрај самите мостови, но и бездомниците кои престојуваат под нив.

– Во 2023 година по иницијативи на ЦУК отстранета е опасноста од висечки кабли под напон покрај мостот во Сарај и мостот во центарот на Град Скопје кај МАНУ. Следен предизвик со којшто се соочуваме при обезбедување на безбедноста е повремениот привремен престој на бездомни лица под мостовите. Оваа појава покрај престој под мостовите во Скопје е присутна и во останатите урбани средини – група луѓе често престојува под „Мелнички Мост“ во Дебар, под мостот во Кочани и на други места, вели Ангелов.

Во случајот со мостот/натпатник во Визбегово, Ангелов објаснува дека има недоразбирања околу надлежноста помеѓу Град Скопје и Општина Бутел, за што и досега известија во неколку наврати и тој проблем се уште не е надминат. За останатите мостови што не се санирани, а е констатирана потреба за нивна санација, јасно се знае во чија надлежност припаѓаат, но треба да се има предвид и финансиската состојба, односно можностите на единиците на локалната самоуправа.

Сепак и покрај бројните предупредувањата, до Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – Скопје (ИЗИИС), не е стигнато барање за мерење на статиката.

Влатко Шешов, директор на ИЗИИС за „Макфакс“ вели: „Во блиско минато нема никој побарано од нас мерења за овие спомнати мостови“.

Дополнително, објасни тој, за да се констатира дали некој мост е безбеден или не, ќе треба да се изработи студија со контрола на сите потребни фази од експлоатацијата на мостот, а неопходни се и теренски мерења.

Годинава реновиран е мостот над Брегалница кај селата Балван-Таринци; санирани се коловоз и ограда на мостот/надвозник во населбата „Даме Груев“, поправена е заштитната ограда на мостот на Вардар кај селото Таор Скопје, поставена е заштитна ограда за пешаците на мостот/надпатник во Визбегово; санирани дупки на мостот на Маркова Река пред Драчево; санирани се дупки на мостот „Обединети нации“ во Општина Ѓорче Петров; поставена заштитна ограда на пешачката патека на кејот на Вардар кај Хотел „Русија“ и поставена заштитна ограда на велосипедската патека под Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје и други.

Во моментов во постапка на санација е Мостот „Беласица“ во Скопје што е делумно пуштен во употреба по пожарот во инсталацијата. Поправката според очекувањта, ќе трае уште неколку месеци.

Стручниот надзор констатира дека определени оштетувања не се опасни за корисниците на некои од мостовите како на пример напукнатите стаклени подни плочи на мостот „Око“; напукнатата страница на мостот на скопската обиколница кај клучката за с. Мирковци и мостот над Црн Дрим кај селото Луково на патниот правец кон Локов, информираше Ангелов.

Претходна вестВремето денес сончево и магливо
Следна вестНовогодишните честитања ќе пројдат, ама песимизмот кај Македонците…