Моторџии секојдневно грмат на улиците, а полицијата ретко им згрмува

Многу возачи не знаат на друг начин да предизвикаат внимание освен да грмат со своите моторцикли или бесни возила. Тие мислат дека не фасцинираат, а не гледаат дека не оглувеа. Затоа полицијата треба да си преземе мерки, вели Симон Трајчевски.

Силно турирање на моторот, јако-неподносливо брмчење… Тоа се повторува речиси со секоја нова колона на возила кои се редат на крстосниците пред запаленото црвено светло. Пак брмчење, пак голема бучава од моторциклите, од автомобилите… Често буката низ Скопје е заглушувачка. Стручњаците неодамна измериле и колку точно изнесува бучавата во централното градско подрачје. На крстосницата кај Собранието таа достигнува дури и 112 децибели, што е за повеќе од двапати поголема бучава од максимално дозволената. Ја прават најмногу силните моторцикли, автомобилите со дупанти ауспуси, стари камиони кои даваат гас кога на семафорите ќе се даде знак за тргнување, автобусите… Слични пречекорувања покажаа и мерењата во Карпош, а сигурно резултатите се слишни и во Аеродром, Автокоманда…

– Полицијата нема инструменти да ја мери бучавата на некое возило или на моторите кои се најголем извор на бучава. А според Правилникот изворот на преголемата бучава треба да сноси санкции. Така што сега за сега, не гледам начин како би се санкционирало ова, предупреди неодамна за „Скопско ехо“ Никола Крстановски, сообраќаен експерт.

Набрзо по овие мерења и предупредувањата полицијата по извршената контрола пред десетина дена привремено одзеде шест моторцикли под сомнение за техничка неисправност за утврдување на бучава. Таква акција одамна не е направена на подрачјето на градот. Но, по десетина дена нема соопштение дали и колку моторџии се казнети заради ваков прекршок. Во меѓувреме, граѓаните на улиците, посебно во ноќните часови, пак слушат урлање на моторциклите.

-Дваесет години трпиме тортура… Цела ПС Карпош ја викам на 24 часовен поседок кај мене дома. По 40-45 минути ќе почнаат да пукаат во подвижни мети, а не да одземаат мотори… Не да прават бучава, лудница е во центарот, беа само некои од коментарите на читателите на „Скопско ехо“ за овој проблем во градот.

Излегува дека до сега надлежните воопшто не преземале некои мерки со цел да се намали бучавата на градските улици. А има повеќе мерки кои би можеле да бидат преземени: на технички прегледи да не се дава дозвола за оние возила кои се пребучни, да се стеснуваат коловозите за да се намали брзината, со режим да се намали бројот на доставни возила во центарот, да се врши контрола на улиците…

– Инспекторите мерат бучава и поднесуваат пријави само по барање на станарите наместо по службена должност во духот на Законот за домување. А и судството тие пријави или не ги процесуира или доцни со реакција. Примерот со привремена заплена на шест моторцикли покажува дека и досега можеле таквите мотори да ги исклучуваат од сообраќајот. Така треба да продолжат и во иднина. Очигледно е дека постои проблем со многу извори на бучавата во градот: мотори, коли, верски објекти… Потребно е нејзино намалување и за таа цел институциите треба да се ги извршуваат своите надлежности во овој поглед, потенцира граѓанинот Станко Нивестиќ.

Полициски контроли треба да бидат почести. Но, освен ова, зошто и да не се размислува и за тоа полицијата да се опремнува со специјални мерни инструменти за мерење на бучавата. На тој начин ќе може да обезбедува и конкретен доказн материјал за прекршоци од ваков вид. А тогаш, сигурно, бучавата ќе почне и да стивнува.

Контролите во лето и навечер се најважни
– Многу возачи не знаат на друг начин да предизвикаат внимание освен да грмат со своите моторцикли или бесни возила. Тие мислат дека не фасцинираат, а не гледаат дека не оглувеа. Затоа полицијата треба да си преземе мерки. Особено во лето и навечер кога моторџиите се најактивни, вели Симон Трајчевски.