Моторџиите и дупнатите ауспуси прават голема бучава во Скопје, но не се санкционирани

Никола КРСТАНОВСКИ, сообраќаен експерт и професор на Техничкиот факултет во Битола го прашуваме за последните мерења на нивото на бучавата во сообраќајот на скопското подрачје и штетните последици од тоа.

о До какви се сознанија дојдовте при мерењата на бучавата кои ги правевте на крстосницата кај Собранието во центарот на градот и на улица „Дрезденска“ во општина Карпош?
-Забележано е значително големо ниво на бучавата во одредени периоди и на двете локации. Мерните инструменти покажаа дури и ниво од 111-112 децибели што е за двојно повеќе од дозволениот максимум. Во просек, би можеле да кажеме дека нивото на бучавата изнесува 70-75-80 децибели и кое трае по пет-десет минути, што е секако над дозволеното ниво од 50-65 децибели во различни зони на градот. Инаку, регистриравме дека на крстосниците најголемата бучава се созадава во моменти кога возилата го забрзуваат движењето. Тоа е неминовност на крстосниците каде имате запирање па забрзување на движењето. Тогаш до израз доаѓаат карактеристиките на возилата. Најбучни излегоа моторите чии возачи многу ја зголемуваат брзината, а тие машини, иако се нови, силно бучат. Посебно бучни се и возилата со оштетен издувен систем, посебно оние кои немаат ниту лонец или чии цевки и лонец имаат дупки. Голема бучава создаваат и товарните возила. Интересно е дека во попладневните часови се забележуваше поголемо ниво на бучавата отколку во утринскиот период.

о Колку и како се загрозени граѓаните кои се во близина на вакви места. Тоа се прометни локации на кои има многу пешаци?
-Секако дека ова има штетни влијание врз граѓаните кои стојат на пешачки премини и директно се изложени на бучавата. Таа е најчесто краткотрајна, додека да поминат бучните возила, но и тогаш, за време на тие неколку секунди, може да предизвика болка во ушите. Поголеми последици настануваат кога граѓаните на подолг период се изложени на преголемо ниво на бучавата. Тогаш може да се случи и оштетување на слухот, нарушување на концентрацијата и слично. На граѓаните не им останува голем избор на заштита. Може со раце да ги затнат ушите или да се оддалечат од рабникот на пешачкиот премин. Оддалеченост од 10-15 метри е добра заштита, но кај нас каде имаме тесни тротоари, тоа е тешко применливо.

о Што да се прави за да се намали нивото на бучавата?
-Потребно е во сообраќајот да има што помалку возила со оштетен систем на издувни гасови, добро е и возачите да не прават нагли забрзувања… се она што е изворот на бучавата. Добро е и да се прават интервенции на улици кои имаат за цел да се намали брзината на возилата. На пример, да се стеснуваат коловозите, да се издигнат пешачките премини за 2-3 сантиметри, да се инсталираат светлосни сигнали на коловозот за возачите дека има пешак во близина, да се воведе режим за доставни товарни возила кои треба што помалку да ги има во централното подрачје на градот
Но, најважно е во сообраќајот да не се движат бучните возила, на пример, оние со дупките во издувниот систем на гасови. Такво нешто не се проверува на техничките прегледи и таквите возила си добиваат потврда дека можат да учествувата во соорбаќајот, а што е апсурдно на свој начин. Полицијата од друга страна, нема инструменти да ја мери бучавата на некое возило. А според Правилникот изворот на преголемата бучава треба да сноси санкции. Така што сега за сега, не гледам начин како би се санкционирало ова.