Може ли Џафери да го врати парламентот во помирни води?

Кавги, закани, пцуења, блокирање на говорницата, расправии со собранискиот претседател… сето тоа изминативе три дена е „амбиент“ во којшто се „работи“ во македонскиот парламент. Водат ли сметка пратениците како сето тоа се рефлектира во општеството? Што прави претседателот на Собранието Талат Џафери работите да се смират?

На првото прашање нема конкретен одговор, а на второто одговор се чини и не треба да се чека. Се појавија снимки каде се слушнаа и пцовки кои токму претседателот Џафери ги упати на сметка на вработените во собраниските служби. Ги „строеше“ како војничиња. А тука се и скоро секојдневните негови расправии со шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски…

Парламентот мора да се врати во помирни води. Може ли тоа да го направи кормиларот Џафери?

Очигледно е дека состојбата станува се понаелектризирана. Ако така продолжи уште неколку дена – можни се поголеми инциденти. По тоа, тешко и долготрајно ќе се нормализира состојбата во највисокиот законодавен дом – односно во целото општество.

Пратениците од двете страни треба да се свесни дека сите нивни конфликти и расправии веднаш се пренесуваат и меѓу граѓаните. Со тоа, и онака длабоките поделби во македонското општество ќе стануваат уште подлабоки. Дали како општество тоа ни е потребно во овој период на притисоци од надвор, на криза, на штрајкови…?

Парламентарното мнозинство е на потег, кај нив е поголемата одговорност. Цело време не учат нас гражаните дека се се решавало со преговори, разговори…, епа ајде нека разговараат со опозицијата. Нека се учат на дијалог и прифаќање на туѓо мислење, се во интерес на Македонија. Нека не оставаат Џафери сам да ги решава работите, оти засега тешко му оди.

 

Претходна вестТања Васиќ, Љубомир Јовевски, Фатмир Скендер, Саво Климовски, Родна Живковска, Тодор Витларов…, предлози за уставни судии
Следна вестЗеленски: Русија претрпе стратешки пораз, подготвен сум за средба со Путин