Може ли Македонија да биде спокојна по уверувањето на Заев дека немало да преговара за идентитетот и јазикот?

 Премиерот Зоран Заев беше во Брисел. Што ни донесе од таму? Прочитавме дека тој на тамошните функционери им кажал дека македонскиот идентитет и јазик е нешто свето и дека за нив не може да се преговара во надминувањето на бугарската блокада за Македонија. Ова е како исцртување на македонските црвени линии. Но што всушност ќе се случи по ова останува да се види. Можеме ли ние во Македонија да бидеме спокојни по искажаниот став на Заев во Брисел? Ќе се држи ли тој до дадениот збор, а и ЕУ ќе постапува ли демократски кога е Македонија во прашање?

Европските функционери пратија порака дека не планираат одвојување на почеток на преговорите со Албанија од оние со Македонија, но рекоа и дека преговорите со Македонија не можат да почнат доколку не се постигне договор меѓу Скопје и Софија.

Веќе почнува да се создава атмосфера во која македонско-бугарскиот спор ќе влезе во временски теснац, во цајтнот, во ситуација кога ќе биде потребно да се попушта од двете страни под наводниот избор „сега или никогаш“. А што тогаш ќе се случи со сегашните македонски црвени линии? Скопјани опоменуваат:

-Во никој случај не смееме да отстапиме од нашите црвени линии. Почетокот на преговори со ЕУ по бугарски терк е далеку поневажен од зачувување на македонскиот идентитет и јазик. Од аспект на Бугарија одамна сме притиснати за попуштање, додека ЕУ постојано ни кажува ,,договорете се“. Јас, инаку, сум заговорник за наш ултимативен настап ,,или почитувајте го Договорот, во кој стои да Бугарија нема да прави пречки на патот кон ЕУ, или договорот не важи“, вели граѓанинот Среќко Мишковски.

Искуството кое Македонија го има со склучувањето на договорите дава основ за стравувања. По изјавите на македонскиот премиер Заев дека нема отстапувања од уставното име и од историјата, следеше Преспански договор со Грција кој донесе промена на името на државата и откажување од делот од историјата. Вградувањето на спорната одредба дека со Бугарија имаме „заедничка историја“ во Договорот за доброседството предизвика уцени од страна на Софија. Сега, стравот е дека поради наметнување на некакви временски рокови од страна на ЕУ може да дојдеме во ситуација да се остапи од црвените линии. Веќе се спомнуваат роковите во јуни, до крајот на годината…

-Не смееме да отстапиме од нашите црвени линии па и по цена да не почнеме преговори со ЕУ. Тоа продавање на историјата, на јазикот е понижувачки и бесмислено. Не требаше ни името да го смениме. Никој не им дал мандат да ги распродаваат нашите великани, цареви, историја, категорична е Христина Костова.

Граѓаните кажуваат, а нашите државни преговарачи треба тоа да го слушнат. Отстапувањето од клучните сидра на македонскиот идентитет ќе биде фатално, треба да се погледне реално и на ситуацијата кога се уште нема гаранции (а ниту атмосфера) дека наскоро ќе има проширување на ЕУ.

  ЕУ ќе полага испит по демократија

Кога и да дојдат функционери од ЕУ во Македонија, секогаш главната порака им е дека нашата земја мора да ја негува и да делува по словото на демократијата. Мора да постапувате според демократските принципи, не учат тие.

Време е учителот во пракса да ја покаже-објасни, пред сите нас, токму таа – главната лекција. Колку е демократски некому да се наметнува што е, кој јазик го зборува и кои му се корените? Од одговорот на ова прашање многу ќе се дознае каква е Унијата и дали нејзините вредности се различни од лекциите кои ги држат во Македонија.

 

Претходна вестПристигна кинеската донација од 100 илјади вакцини
Следна вестСе помалку пациенти во болниците, во ковид-центрите се лекуваат 536 пациенти