Денеска е Светски ден за мир и развој. Поконкретно кажано тоа е денот посветен на науката. До каде е Македонија со науката? Образованието е на многу ниски гранки, како е со науката, се вложува ли доволно има ли научници кои сакаат да творат?
Ова се прашања кои треба сите, а најмногу одговорните лица, да си ги поставуваме не само овој ден. Науката во целиот нормален свет води напред.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје организираше дебатата „Науката на УКИМ во функција на подобро општество“. Тема на годинашното одбележување на овој ден, кој УНЕСКО го прогласи во 2001 година, е „Доверба во науката“.
Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова рече дека довербата во науката го поттикнува развојот и затоа, рече, „мора да градиме доверба кај граѓаните и во општеството за науката што ја продуцираме – тоа е наша задача и обврска“. Покрај глобалниот одговор на современите предизвици, додаде таа, треба и нашата академска заедница да се вклучи во тој процес и да помогне во примената на научните достигнувања во пошироката општествена заедница.
Но, како што рече, иако во светот се зголемуваат вложувањата во истражувања, земјите во развој се уште инвестираат помалку од 1 процент од нивниот БДП.
-Во оваа група е и Македонија со инвестирање во истражување и развој од 0,3 проценти од БДП. За да може да се држи чекор со развиениот свет, нашата држава ќе треба да ја зголеми својата посветеност на истражување и развој… Нашиот пристап кон обезбедување инвестиции за наука и истражување не може да се сведе само на еден извор, кој, за жал, не е издашен, туку мора да бидеме проактивни и да бараме излез на меѓународна сцена, да ги зајакнеме сопствените капацитети за пристап до ЕУ-фондовите за финансирање меѓународни проекти, истакна Ангелова.
Може ли наука да се развива ако нема доволно средства, ако не се вложува во неа? Поразителен е фактот дека буџетот за наука предвиден за оваа година е еден од најниските во последните години.
Ако вака се продолжи, во државата единствена научна гранка и тема ќе биде – како без средства да се развива висока наука?
Може, па, ќе успеат да дадат одговор…