Може па нивните деца навистина се најталентирани?

Довербата во македонското правосудство кај граѓаните спадна на неколку проценти. Политичарите со години се трудат сето тоа да го поправат. Последен таков труд е од пред 2-3 дена кога стана познато во јавноста кој се подговува да биде во новата генерација на судии и обвинители.

Меѓу кандидатите има многу сопруги, снаи, синови, ќерки… на политичари, судии, обвинители и други јавни личности. Сите тие на Академијата за судии и јавни обвинители се подготвуваат за важни функции во правосудството. Меѓу нив се најде и син на собранискиот претседател Талат Џафери за кого Антикорупциската комисија отвори случај со предвременото полагање на правосудниот испит, во спосокот се најде сопругата на Ислам Абази кој шефува со Обвинителството за организиран криминал и корупција, ја има и снаата на Цветанка Иванова, која е собраниска генерална секретарка, впишана е и сопруга на Тимчо Муцунски, градоначалник на Аеродром…

-Вака ли ќе го оправаат македонското судство, зовре јавноста. 

Но, за функционерите – татковци, мајки, сопрузи… тоа воопшто не е спорно. Судството сигурно ќе биде подобро, уверуваат тие. Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера на јавноста и порача дека „и неговото дете има право да конкурира и да најде работа“.

– Во секој случај како сите граѓани во државата, така и моите деца ги уживаат сите права и можности во ова општество, изјави Џафери чијашто ќерка претходно си најде работа во Надзорниот одбор на државната компанија ЕСМ – Снабдување со топлина.

Дали сите деца во Македонија ги уживаат истите права? Ќе има ли добро владение во една земја ако таткото е во политичката власт, братот во судската, синот во државно претпријатие, а сопругата приватно фирма има ама само на тендери со државата работи, додека кумот е во полиција, а…? Тешко.

Е, такви примери на изврзани семејства во важните државни структури има ли во земјава? Тоа се спречува или се охрабрува?

Но, да се вратиме на правосудството – од Академијата за судии и обвинители изјавуваат дека тие не можат никому да му забранат да се пријави за школување и полагање испити кај нив. Формално-правно така е. Ама се дава ли можност на сите заинтересирани да конкурираат или „местата се пополнети“? Но, што е и со моралната димензија на самите семејства кои сакаат да го јавнат државниот систем? Па голем дел од таквите татковци и сопрузи држат функционерски лекции за непотизмот кој требало да биде искоренет, а ваму…

Затоа јавноста е огорчена. Единствено што оди на рака на функционериве е помислата дека – може па нивните деца навистина се најталентирани? Генoт си е ген…, го пренесува знањето и талентот од постарите и веќе докажани на функции лица на новите „дечиња“ кои треба да ги наследат, надополнат… 

Кој го нема оној „посебниот ген“, тој во Македонија чека во бирото за вработување или ја напушта земјава за да покаже дека и тој има талент. Најчесто и поголем од оној на „тукашниве таленти“, ама, генот…

Претходна вестЈанушев читаше вести во кој го спомна синот на Џафери, овој му возврати дека не му е до малиот прст
Следна вестСедум илјади пати телефонски ги навредувал полицијата и Брзата помош, сега ќе лежи затвор