Можеше и порано, ама сепак ќе се делат по 1.000 евра за инвертери

И скопски домаќинства ќе бидат меѓу вкупно 10.000 семејства кои што ќе добијат по 1.000 евра за високоефикасни инвертери за греење, со што треба да се намалува загадувањето на воздухот. Ваква одлука вчера донела Владата при што оваа можност ќе ја добијат и домаќинствата во Битола, Тетово и Кичево. Субвенициите ќе им се дават на оние граѓани коишто ќе решат да ги заменат своите енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво. За остварување на оваа мерка АД Електрани треба да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди.

Оваа мерка беше предвидена во минатогодишниот План за чист воздух на Владата каде што е зацртано дека до 2020-та година вакви инвертери да добијат вкупно 20.000 домаќинства. Засега не е соопштено колу од инвертерите се предвидени за скопјани.

За потсетување, Владата вети дека со низа мерки ќе доведе до тоа, загаденоста на воздухот во Скопје и во други градови да се намали за дури 50 проценти до 2020 година.

Владата формирала и работна група која што треба да ги даде предлозите за можните видови субвенции при купување на нови возила.

Мерките делуваат добро, ама да не се задоцнети за оваа зима?