Можно е одложување на почетокот на учебната година

Почетокот на учебната година може да се одложи по 1 септември, најави денеска министерот за образование Арбер Адеми. На прес-конференцијата тој објасни дека ова многу зависи од тоа дали наскоро во Македонија ќе се воспостави функционално Собрание кое ќе ги усвои неопходните законски промени за одржување на наставата во услови на пандемијата со корона вирусот.

Тој зборуваше по завршувањето на денешниот состанок помеѓу претставници на МОН и членови на Комисијата за заразни болести. Преговорите за наставниот модел од септември ќе продолжат и во наредните денови, а најави дека во игра се три сценарија.

-За наставата треба да се донесат законските измени, а кога ќе се усвојат тоа зависи од Собранието кое треба да се функционално. Предлогот на Министерството за образование е часот во основното образование да се скрати од 45 на 30 минути, а во средното од 45 на 35. За да се усвои тоа, ни треба Собрание. Јас лично се залагам за физичко присуство, изјави Адеми.

Тој додаде дека се разгледуваат три модели: физичко присуство, онлајн настава и комбиниран модел.

–Во првиот модел е предвидено со конкретни услови, конкретни мерки, како би се организирала наставата со физичко присуство, со тоа што би се обезбедила физичка дистанца од најмалку 1.5 метри. Само кога навистина ќе нема друга опција би се определиле за онлајн настава – истакна Адеми.

Тој објасни и како би се реализирала според комбинираниот модел со физичко присуство на ученците и далечинско учење.

– Во училиштата кои се пребукирани наставата треба да се организира со комбиниран модел – училниците да се поделат во помали групи, со помал број на ученици. Една група ќе следи настава со физичко присуство во текот на една недела, а истата таа недела другата група ќе следи настава на далечина и обратно – вели Адеми.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека ставот на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во кои што е неопходно физичко присуство на децата.

Инаку, Министерството за здравство денеска соопшти дека Комисијата за заразни болести на денешниот состанок побарала од Министерството за образование и наука (МОН) да достави податоци за сите училишта во сите општини во Македонија и бројот на деца во сите паралелки поединечно, кои се клучни податоци за да се утврди каде евентуално би имало онлајн настава, а дали и каде би било евентуално безбедно да се одвива настава и со физичко присуство.

Претходна вестПодобро нови избори отколку Македонија да биде губитник од уценето владино мнозинство
Следна вест239 оздравени, 139 новозаразени и еден починат од корона вирусот