МПЦ-ОА стисната меѓу српскиот и цариградскиот томос, што е македонскиот интерес?

Во посета на МПЦ-ОА денеска се очекува да дојде рускиот митрополит Антониј, шефот на Одделот за меѓународни односи и вториот човек во хиерархијата на Руската православна црква. Посетата е во важен период и нејзините цели треба да се бараат во случувањата и групирањата помеѓу православните цркви по одлуката на Српската православна црква да и го даде и признае автокефалниот статус на МПЦ-ОА.

На сцена, практично, се има еден вид референдум на црквите при кој едната групација на православни цркви – Српската, Руската, Бугарската… го признаваат Томосот за автокефалност издаден од Српската црква како доволен за признавањето на македонската црковна автокефалност. Тој Томос, како што наведе СПЦ, требало само уште да биде прифатен од сите останати православни цркви. Односно, немало потреба за издавање на посебен томос од Вселенската патријаршија.

Наспроти ова, е блокот на црквите, предводени од грчки патријарси и архиепископи, кои сметаат дека СПЦ не може да издава Томос за автокефалност туку тоа е исклучиво право на Вселенската патријаршија.

МПЦ-ОА која долго време беше целосно изолирана сега, практично, е ставена во позиција да треба да одбира на кој блок ќе му пристапи. Оттаму, нема дилема дека рускиот митрополит Антониј ќе го пренесе ставот со кој нашите владици би требало да се откажат од чекањето да добијат Томосот од страна на Вселенската патријаршија. Со тоа Руската, Српската, Бугарската православна црква… би добиле сојузник во нивниот долгогодишен стремеж за намалување на значењето на Вселенската патријаршија во рамките на битката меѓу црковна Москва и Цариград за приматот во православието.

Што ќе решат македонските владици се уште не е познато, но ситуацијата е деликатна. МПЦ-ОА минатата година, по 55 години изолација како непризнаена црква, дочека да биде прифатена како канонска црква. Но, сега ситуацијата се комплицира оти нашите достоинственици се ставаат во ситуација да треба да избираат меѓу двата црковни блока. Тоа е непријатна ситуација со оглед на тоа дека нашата Црква сака добро односи со сите и остварување на своето право на полна црковна автокефалност. Сега како да треба да се избира меѓу групацијата која ја убедува дека Томосот на СПЦ е доволен и групацијата којашто вели дека единствен легален и легитимен е Томосот добиен до Вселенската патријаршија.

Фактичката ситуација кажува дека Вселенската патријаршија е таа која треба да го издаде конечниот Томос и со што МПЦ-ОА ќе биде вечно запишана во диптихот, регистерот, на Православни цркви што се води во Цариград од страна на Вселенската патријаршија. Но, тој Томос се уште не е напишан, не се знае што ќе содржи, не се знае какви се ингеренции ќе побара Вселенската патријаршија во однос на дијаспората и епархиите на МПЦ-ОА, во однос на судските процедури, титулата на македонскиот архиепископ.

Едноставно, чекањето на Томос од Цариград, носи прашање дали условите што ќе бидат напишани во него ќе бидат прифатливи за нашата црква и за македонските верници. Не е сеедно што ќе биде во тој Томос.

Сето тоа може да создаде поинаков вид на проблеми за нашата црква што значи дека определбите за ова или онаа групација на Црквите ќе донесе одредени удари, несогласувања, поделби… На тоа треба да бидат свесни македонските владици кога денеска ќе разговараат со рускиот митрополит. 

Но и тој, како претставник на еден црковен блок, како и претставници на Вселенската патријаршија во име на вториот блок, треба да бидат свесни дека МПЦ-ОА ги застапува првенствено македонски црковни интереси. Тие интереси се најважни и до нив со добра осмисленост и без непотребно брзање треба да се држат македонските владици, без оглед на последиците коишто може да произлезат од тоа.