Прашањето за почитување на правата и слободите на припадниците на македонското малцинство во Бугарија и потребата од спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), ги стави на маса министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на средбата со неговиот бугарски колега, министерот Георг Георгиев, на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Во информацијата на македонското МНР, се вели дека на состанокот покрај тоа, станало збор и за билатералните разлики и блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија.
Министерот Муцунски, како што велат од МНР, изразил жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, опишувајќи ги како непринципиелна пречка на македонскиот евроинтегративен процес.
Муцунски истакнал дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со взаемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи покрај другото подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата.