Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Брисел ќе учествува на Форум на високо ниво за проширувањето на ЕУ насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“.
На Форумот, кој е во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК), Муртезани ќе учествува на воведната сесија на собирот, заедно со претседателот на ЕЕСК, Оливер Ропке, црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ и шпанскиот државен секретар за Европска Унија, Фернандо Сампедро.
Во рамки на Форумот ќе се одржат и уште две работни сесии насловени „Институционализација на граѓанското општество и зајакнување на социјалниот дијалог во земјите кандидати за членство во ЕУ“ и „Создавање можности за младите – од образование до вработување“.
Форумот има за цел да ја истакне важноста на социјалниот дијалог и ангажманот на граѓанските организации и младите во процесот на проширување на Европската Унија, како основа за градење поправедно и посолидарно европско општество.
На собирот ќе биде презентиран и извештајот „Важноста на институционализацијата на граѓанскиот и социјалниот дијалог во земјите кандидати за членство и партнери на ЕУ“, во кој се нагласува потребата од зајакнување на граѓанскиот и социјалниот дијалог во државите кандидати за членство во ЕУ, како дел од процесите на интеграција и соработка, но се посочува и дека во дел од нив тој останува фрагментиран и му недостасува институционална регулатива.
Во извештајот се препорачува воспоставување сеопфатни законски рамки, согласно принципите, стандардите и добрите практики во ЕУ, за ефикасно учество на граѓанскиот сектор, социјалните партнери и засегнатите страни во дизајнирањето, спроведувањето, следењето и евалуацијата на законодавната и политичката активност, како i обезбедување финансиска поддршка и обука на невладините организации, без нарушување на нивната независност од властите.
Документот ги повикува институции на ЕУ „да ја промовираат важноста на вклучувањето и ефикасното учество на организираното граѓанско општество во преговарачките процеси“ на земјите кандидати за членство на транспарентен и инклузивен начин, како и вклучување на условот за граѓански и социјален дијалог во преговорите за членство во ЕУ.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



