Музеј на УЧК ќе се гради на неколку километри од Скопје, поточно во селото Арачиново. Тоа го ветува градоначалникот на Арачаиново Ридван Ибрахими кој во изјава за ТВ 21 вели дека изградба на музејот е едно од неисполнетите ветувања.
Ибрахими објаснува дека допрва ќе треба да се избере локација за музејот и дека за таа намена има неколку места, од кои две се гробиштата на паднатите борци и објектот на поранешната општина.
– Сè додека не е избрана локацијата што ми е приоритет, постојат различни форми. Тоа е едно од тие ветувања што ги дадов, на Арачиново му припаѓа музејот на ОНА, Арачиново има историја за големиот придонес што го даде за време на војната, вели Ибрахими.
Ако Ибрахими го реализира ветувањето, тоа ќе биде уште еден музеј посветен на поранешните припадници на ОНА.
Во Арачиново во 2005 година бесправно е изграден меморијален центар за загинатите припадници на поранешната ОНА. Музеј на борците на ОНА или како што е именуван музеј на слободата во 2008 година беше отворен во куќата на Јашар Бег во Скопје, додека пак, како дел од прославата по повод одбележувањето на 100-годишнината од независноста на Албанија, во 2012 година во селото Слупчане беше отворен музејот посветен на конфликтот во 2001 година и на ОНА. Лани во Слупчане беше откриена спомен кула во чест на поранешните припадници на ОНА.