МВР бара 600 полицајци, ќе заживее ли конечно позорникарска служба или ќе завршат по канцеларии?

Оглас со кој бара 600 полицајци за вработување распишало денеска Министерството за внатрешни работи. Од огласот се гледа дека за Секторот за внатрешни работи Скопје се бараат 100 нови полицајци, за Струмица, Охрид, Битола, Велес, Куманово и Регионални центри за гранични работи Запад и Југ се бараат по 40 извршители, за Штип – 70, за Тетово – 60, а за Регионален центар за гранични работи Север – 50 извршители. Примените кандидати ќе одат на основна обука во траење од една година, а по нејзиното завршување ќе станат „полицајци – приправници“.

Ова не е за првпат МВР преку вака масовен конкурс да вработува нови полицајци бидејќи сака да го надомести недостиг на полицајци. Огласот сега доаѓа во време кога МВР конечно почнува да воведува полицајци – позорникари по некои општини во земјава. Тоа е старо изборно ветување но кое многу бавно или воопшто не се реализира. Неодамна позорникарите почнаа да шетаат по скопската општина Центар, а досега се појавиле само уште во градовите како Штип, Битола, Куманово. Но,  што е со другите места?

Министерот за внатрешни работи, но и статистичките податоци повеќе пати укажуваа дека МВР на терен има малку полицајци оти тој кадар им е „дефицитарен“, ги немаат доволно како вработени. Тоа делува малку чудно кога податоците лани покажаа дека на платниот список на МВР има вкупно 11.948 вработени. Тоа вооошто не е малку и прашањето е дали се водело доволно сметка при вработувањата да има повеќе полицајци отколку секретарки, советници, помошници, аналитичари…

Така, и сега се поставува прашањето дали вака масовен конкурс ќе ги задоволи потребите за полицајци – позорникари кои ги бараат граѓаните оти така се чувствуваат посигурни во своите населби. Или, се ќе се сведе на старите „рецепти“: по година – две најголем дел од нив да биде прекомандуван по канцеларии?

Претходна вестРКЕ ќе открие какво скалесто тарифирање планира во сметките за струја
Следна вестМосква: Одбивање на Бугарија, Црна Гора и Македонија да го пуштат авионот на Лавров не е нивна одлука