МВР: Градоначалникот Костовски да не шири дезинформации кои ги вознемируваат граѓаните

Дезинформации се тврдењата дека има зголемен број на напади врз малолетници во автобусите кон Бутел и Радишани, соопшти денеска МВР. Овој ресор реагира на објавата на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски кој тврди дека во последново време има зголемен број на напади врз малолетници од Бутел.

-Најостро ги демантираме дезинформациите објавени на фејсбук профилот на Дарко Костовски, градоначалник на општина Бутел, дека во последниот период, а посебно во текот на месец ноември на територијата на општина Чаир имало зголемен број на напади на малолетници кои живеат во населбите Бутел и Радишани, а кои ја користат автобуската линија број 57 од ЈСП Скопје. Апелираме до претставниците на локалната власт да не шират дезинформации кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните, се вели во соопштението од МВР.

Полицијата наведува дека од 01.09.2022 година до 13.11.2022 година на посочената автобуска линија се случени два настани.

-Првиот на 06.11.2022 во автобуска линија број 57, каде нападнат е еден малолетник од страна на тројца малолетници и за кого сме известени од општа градска болница дека е примен пациент со лесни телесни повреди, а од страна на родителот укажано е дека не сака да го пријави настанот. Вториот настан е пријавен на 13.11.2022 година во кој четворица малолетници се нападнати во автобус од автобуската линија број 57 од страна на пет лица, од кои тројца полнолетни и две малолетни лица. Веднаш се преземени соодветни мерки и сторителите се лишени од слобода, се наведува од страна на МВР.

Се додава дека на повеќе точки во градот поставени се полициски служби за спречување на нарушување на јавен ред и мир и извршување кривични дела, со посебен акцент на спречување на меѓуврсничко насилство. Во тек е и проектот „За безбеден град“ и „Безбедност во училиштата“ кои се одвиваат во училиштата на подрачје на град Скопје и придонесуваат за спречување на сите облици на насилство меѓу ученици како и други видови на девијантни појави.

Претходна вестОливера Бикова со светско злато на СП во стрелаштво во Абу Даби
Следна вестШортс : Се чувствувам како Македонец