МВР ја советува Ангелеска да пријави ако и е нанесена неправда, а таа објасни за лигушите…

Полициската службеничка Јасмина Ангелеска која вчера преку социјалната мрежа Фејсбук соопшти дека заминува од МВР заради мобинг и хаосот внатре во министерството се уште официјално не поднела отказ. Ова вчера доцна попладне го соопшти МВР наведувајќи дека таа формално се уште се наоѓа на годишен одмор.

-Во врска со објавата на Ј. А. на социјалните мрежи, ве известуваме дека истата во моментот користи годишен одмор и до Одделот за правни работи на БЈБ досега не е стигнато барање за прекин на работниот однос. Во Одделот за внатрешна контрола и професионални истраги од Ј.А. до сега не е пристигната претставка ниту пријава за мобинг на работното место. Како и секој граѓанин, така и Ј.А, доколку смета дека и се повредени правата од работниот однос или друг вид на незаконито и непрофесионално постапување на било кој полициски службеник, случајот може да го пријави во Одделот за внатрешна контрола, соопштија од МВР.

Вчера Ангелеска на својот профил на Фејсбук објави дека во МВР владее хаос во секој поглед и во секој сектор од повисоките кругови.

За жал, и на тие неколку што сакавме да работиме не ни дозволија. Тој систем повеќе не можам да го поднесам, кога дојде време на криминалците и лигушите-со исклучок на малкуте. Не е голема работа дека јас сум си заминала. Се ќе биде исто и без мене, се ќе функционира како и да не сум работела никогаш таму, обвини Ангелеска.

Таа во јавноста беше позната како полицајката која имаше недоразбирање со некогашниот функционер на ДУИ Бекир Асани на Бит-пазар кој тогаш се однесувал агресивно кон неа. Меѓутоа, подоцна Ангелеска изјави дека се удрила од „пајакот“ а постапката против Асани беше запрена.

Ангелеска вчера за ТВ 24 изјави дека по тој инцидент е деградирана од инспектор водич во сообраќај во полициската станица во Драчево.

-Си заминав во Германија пред неколку недели. Тој настан мене ми донесе многу неправда. После една година јас наградно добив решение за во полициска станица Драчево. Не беше само овој моќник во државата. Јас против неколку звучни презимиња имав преземени мерки. Најмногу од се ми пречеше хаосот и партиските вработувања и тоа кој се’ може да стане надреден во МВР, вели Ангелеска

Таа во детали за ТВ24 опиша и дека никој од повиканото засилување не се осмелил да се спротивстави на разлутениот Асани.

– Повикав специјално возило и во тој момент излегоа десетина души од кафулето, еден од нив кој подоцна го разбрав дека бил и Бекир Асани, кој се пружи по мојата радиоврска на која викав засилување. Кога 30-тина колеги пристигнаа никој не презема ништо, ниту да го легитимира или да го приведе иако беше вулгарен и ме понижуваше. Сфатив дека сум сама и нема правда. Од нервоза удрив со бокс во вратата на пајак-возилото и си влегов во службениот автомобил, објасни Ангелеска.

Претходна вестМеркел се надева дека Македонија годинава да ги започне преговорите, а Албанија ќе почека
Следна вестПочина Енвер Малиќи, заменик-градоначалник на Скопје