МВР ќе информира за законитоста на постапувањето на полицајците кои уапсиле момче со куче

Денеска треба да се знае дали неколкумина полицајци ги прекршиле професионалните стандарди при апсењето на едно лице кое со своето куче било затекнато надвор од домот во време на полициски час. Ова вчера со соопштение го најави МВР наведувајќи дека случајот сега е во раце на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

-Се преземаат мерки и активности за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници. Јавноста ќе биде соодветно информирана за исходот од проверките Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и во иднина ќе презема мерки за соодветно расчистување на сите случаи во кои постои сомневање дека постапувањето на полициските службеници е спротивно на законот, соопшти МВР.

На социјалната мрежа Фејсбук вчера се појави снимка како група полицајци го апсат момчето со кучето и го ставаат во полициско комбе. На снимката не се гледа каде се случил настанот, но се гледа дека момчето не дало никаков отпор.

На својот профил на Фејсбук реагираше и заменик министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска.

-Го искажувам своето несогласување со начинот на кој постапиле полициските службеници. Очекувам и соодветна санкција за нивното непочитување на мерките и неносење на заштитни маски и ракавици. Ако казнуваме за неспроведување на мерките, како тоа ние први да ги прекршуваме?, наведе Петровска.