Во Македонија се чини кој посака си вее свое знаме, односно она што му се бендисува, со кое сака да прати порака… Така ли е во сите земји во светот? Реагираат ли таму властите на злоупотреби?
Дилемата е отворена одамна, а нашите власти беа анемични. Но наеднаш, пред некој ден во Македонија за веење знаме се размрда и МВР. Прекршочна пријава против адвокатот Тони Менкиноски е епилогот на истакнувањето на 40-метарското знаме со сонцето од Кутлеш на бедем од тврдина на прославата на Водици во Охрид. Адвокатот, кој инаку е силен борец за правата на Македонците во Бугарија, ќе требало да одговара за нарушување на јавниот ред и мир со истакнувањето на знамето чијашто употреба не е дозволена на јавни објекти по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција.
МВР смета дека со тоа бил нарушен јавниот ред и мир бидејќи се истакнало знаме кое не ги содржи обележјата утврдени со закон. А има ли и други истакнувања на знамиња неутврдени со закон на кои полицијата требало до сега да реагира?
Сето ова повлече бројни реакции кај граѓаните. Самиот Менкиноски изјави дека не се чуствува виновен.
-Јас не се чувствувам виновен за тоа што го развеав Македонското сонце кое е симбол на мојот народ! Не се каам, а напротив се чувствувам достоен и горд како Македонец !!! Немам намера да се спогодувам и да плаќам казни и глоби со кои сакаат да ме замолчат, а Вас да ве заплашат! Никогаш ние Македонците не сме им се плашеле на нашите душмани. Нека се плашат оние што сакаат да ни го забранат или премолчат Македонското сонце од Кутлеш кое е вечниот симбол на македонскиот народ во Пиринот, Егејот, Вардарот, Гора, Преспа и секаде каде има Македонец достоен на своите корени. Македонското сонце треба да стои на вашите балкони, дворови и улици, само така ќе покажеме чија е оваа земја и кој е овој народ, изјави Менкиноски.
Негодување за постапката на полицијата има и од бројни граѓани на социјалните мрежи каде доминира укажувањето на двојниот аршин кој власта го применува кога е во прашање истакнувањето на одредени симболи – знамиња во нашата земја. Потсетија дека во 2019 година на тврдина во Охрид беше истакнато 15-метарско албанско знаме, потсетија дека не така одамна на неколку места се вееја знамињата со ликот на поранешниот бугарски цар Борис Трети, кој соработувал со фашистите во текот на Втората светска војна, потсетуваа дека се игнорира македонското знаме кое намерно го нема на државни институции во делови од Македонија, потсетуваа дека имаше и случаи на омаловажување па дури и уништување на македонското знаме… но и констатираа дека во скоро сите тие прилики полицијата не интервенирала.
За да нема повеќе вакви „недоразбирања“ кај населението и во институциите можеби е полесно МВР да направи список на знамиња за чие веење ќе следуваат казни. Или може нема да биде список, ќе си биде запишано само едно знаме како забрането?