МВР обезбедува седум објекти во кои има 250 лица во карантин

Припадници на МВР обезбедуваат седум објекти каде се сместени лица во карантин. Заклучно со денес во државен карантин се спроведени околу 250 лица, вратени од странски земји, информира министерот за внатрешни работи Наќе Чулев преку Фајсбук.

Во објавата тој наведува дека денеска ги посетил полициските службеници кои ги обезбедуваат лицата кои се сместени во државниот карантин во центарот на Скопје. Карантинот во траење од 14 дена е воведен за сите македонски државјани кои од различни причини не можеле да се вратат во нашата земја. Транспортот од граничниот премин до карантинскиот објект го врши овластен превозник одреден од страна на Генералниот секретаријат на Владата, а МВР го придржува транспортот од граничниот премин до карантинскиот објект.

-Од страна на полициските службеници бев запознаен со протоколите по кои тие постапуваат. Полициските службеници се поставени на влез во хотелот и на сите катови, со цел гарантирање и одржување на редот во објектот. Апелирав до нив да водат сметка за своето здравје и за својот живот, но и целосно да бидат на располагање на граѓаните кои се сместени во карантискиот објект, потенцира Чулев.