На бизнисот и на граѓаните им се ветува дека струја ќе има, секој мегават е „чисто злато“

Прифатени се речиси сите барања на бизнис секторот за електричната енергија, а ќе стапат во сила од 1 август, со воведувањето на кризната состојба која веќе беше најавена, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој имаше работна средба со претставниците на Македонската енергетска асоцијација (МЕА), на која присуствуваше и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.

Заменик-претседателот на Стопанската комора и претседател на МЕА, Кочо Анѓушев ги претстави барањата на фирмите во однос на обезбедувањето на струјата.

-Бараме „зелената енергија“ повторно да се врати само за индустријата со што македонската економија би добила дополнителни 7-8 проценти од својата електрична енергија на годишно ниво по прифатливи и добри цени. Второ, Владата преку своите компании пред се МЕПСО да обезбеди да нема прекин на протокот на електрична енергија односно да не се затворат границите за увоз на електрична енергија. Третото барање е да се зголеми производството на електрична енергија и за можноста за приклучување на ТЕЦ Неготино и за обезбедување на мазут во овие услови бидејќи согласно качените цени на берзите над 500 евра за мегават час во однос на цената на мазутот, произлегува дека е економично работењето на ТЕЦ Неготино и неговото враќање во рамките на ЕСМ. Секој инсталиран мегават е чисто злато и многу значаен во енергетскиот систем на државата, рече Анѓушев.

Министерот Бектеши рече дека Владата претходната недела ги добила предлозите од Комората и дека се прифатливи.

– Повеќето од мерките, да не кажам 100 отсто, се прифатливи и ќе почнат со спроевдување веднаш, од почетокот на август, со прогласувањето енергетска криза зашто само тогаш Владата ќе може да носи одуки и да му излезе во пресрет на стопанството. Нашите очекувања се дека РЕК „Битола“ од октовмри ќе работи со трите блока, „Осломеј“ ќе рабои со половина капацитет, а почна и испораката на мазут од Грција за ТЕЦ „Неготино“ која најпрво ќе почне со работа со првиот котел, а ќе се направат и сите подготовки за да се стави во функција и вториот котел, истакна Бектеши.

Исто така, министерот Бектеши поврори дека ЕСМ преку Министерството за финансии и Економија од ЕБРД обезбедила 100 милиони евра за зголемување на капацитетот на ЕСМ за јаглен, мазут и електрична енергија.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека нивните капацитети се во фаза на подготовка за да има сигурно производство на електрична енергија од термоелектраните во текот на грејната сезона. Хидропотенцијалот е на 55 проценти од капацитетот или 70 до 80 проценти од просекот во изминатите 10 години и се користи само за одржување на сигурен и стабилен систем во делот на системските и балансните услуги, а во функција се става и ТЕЦ „Неготино“, кој со одлука на Влада веќе е доделен на ЕСМ и како акционерско друштво се припојува кон АД ЕСМ. Тој смета дека целосно ќе ги задоволат потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, потребите за загубите во системот за електродистрибуција и потребите на МЕПСО и порачува дека сите неопходни набави се направени навремено и по поволни цени. За набавка на досега испорачаниот мазут, потврдува, се потрошени околу 25 милиони евра, а за јагленот околу 30 милиони евра.

За грејната сезона, како што изјави Ковачевски, ЕСМ ќе набави околу 1,5 милиони тони јаглен од увоз, во фаза на испорака се 30 илјади тони мазут од пристаништето во Солун за потребите на ТЕЦ „Неготино“, има договор за набавка на вкупно 120 илјади тони мазут кои се обезбедени, а се планира во август да се објави повик за набавка на уште 200 илјади тони мазут за периодот од декември до април. Сега, потенцира тој, пристигнуваат количества јаглен од набавките кои се извршени во март, април и мај за кои се склучени договор, а дополнително ќе се набават нови количества што ќе се испорачуваат од ноември до април. Просечната цена за набавениот јаглен е од 55 до 62 евра по тон, а на берзата во моментов чини од 90 до 120 евра за тон.

– Имаме доволно количини и одговорно може да тврдам дека како држава во моментов набавуваме јаглен со најниска цена во регионот. За набавка на мазут имаме склучено договор уште во март за 140 илјади тони. Од нив досега се испорачани околу 35 илјади тони, а во наредните три месеци треба да се испорачаат уште 105 илјади тони. АД ЕСМ досега стопроцентно ги задоволува потребите за електрична енергија на регулираниот пазар и немаше потреба од набавка на струја од увоз. Доколку во текот на зимата има недостиг на енергија тогаш ќе увеземе, но тоа ќе бидат многу мали количини. Согласно планот за производство се предвидува до април стопроцентно да ги испорачаме сите потреби за енергија за ЕВН Хоум, Електродистрибуција и за МЕПСО, изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека РЕК „Битола“ во моментов работи со двата блока – блок 1 и блок 2, а за блок 3 веќе е склучен договор за набавка на нов трансформатор и водено се поправа и стариот. Се очекува во октомври и третиот блок на РЕК „Битола“ да биде ставен во функција.

– Со почетокот на грејната сезона РЕК „Битола“ ќе биде стопроцентно во функција и ќе произведува електрична енергија максимално со трите блокови. РЕК „Осломеј“ во моментов е во застој и се работи на ремонтните активности. Во рок од 60 дена ќе се подготви за функционирање во наредната грејна сезона и се очекува во текот на септември да биде ставен во функција. За двата капацитети работиме на зголемен ископ на сопствен јаглен и во Битола и во Осломеј, паралелно на тоа се извршени набавки и се склучени договори за испорака на јаглен од Грција  и Албанија. Се прават напори за набавка на дополнителни количини на јаглен од Косово, рече Ковачевски.

Паралелно, додаде тој, компанијата се подготвува да менаџира со топлинската енергија во Град Скопје.

Претходна вестНад 30 проценти од семејствата во земјава се брачни парови без деца
Следна вестЗа пожарот во тетовската модуларна болница обвинети три физички лица и едно правно лице