Синоќа вечерва околу 20:30 часот, во продавницата за бела техника „Нептун“ кај Градскиот стадион „Тоше Проески“ се случи обид за вооружена кражба. Според првичните информации, неколку маскирани лица влегле во продавницата, упатувајќи закани кон вработените и клиентите, додека испукале неколку куршуми.
Очевидци сведочат дека разбојниците побарале дневниот промет сметајќи, извесно, дека тој е голем поради денот „Блек фрајдеј“, извикувајќи: „Вадете ги парите од касата, ако некој викне полиција сите ќе ве убиеме.“
Полициски службеници веднаш пристигнале на местото на настанот и организирале потера низ Градскиот парк, која резултирала со приведување на двајца осомничени. Засега нема потврдени информации дали разбојниците успеале да го одземат дневниот промет.
-Единицата за интервентна полиција реагираше веднаш по пријавата, а двајца сторители се лишени од слобода. Во координација со Основното јавно обвинителство, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, информираа од полицијата.
Инцидентот предизвика вознемиреност кај минувачите и граѓаните во близина на арената „Тоше Проески“.