Колумна на Наташа Котлар Трајкова:
Живееме во време кога се случуваат многу настани, кои одвај успеваме да ги забележиме, но, по каратко време, сфаќаме дека повеќето од нив се со содржина која го навредува нашиот здрав разум, па и ученост! Така, дознаваме, дека едните решиле „пет историски личности и три историски периоди“, а и Г. Делчев ќе го решеле; де, другиве се жестат и не дозволуваат влез на „Р Северна“ во ЕУ зашто таа е недемократско општеството, славејќи го сè уште диктаторот – Тито; де, трети, забораваат што беа и што правеа за време на Тодор Живков (бај Тошо); а, четвртите обидувајќи се да ја вкалапат оваа ирационалност во европска вредност, доделуваат на оној кој не ја заслужува, награда за „заштита на човековите права“!
Политичково пијанство, иако нѝ делува апсурдно, не е наивно. Историјата бележи слични процеси и настани поврзани со истите актери – големи и мали. При што маливе се исти, а големите си ги замениле местата, но не и намерите – сега „пали и жари“ ЕУ, алијас Германија, наместо некогашниот Варшавскиот блок, алијас СССР, односно Русија.
Затоа, овде ќе дадам краток историјат за „европските вредности“ врз основа на бугарско-руската историографија во периодот на Бугаринот бај Тошо (1954/89).
Тогаш, започнале жестоки расправии меѓу југословенските, односно македонските и бугарските научници по прашањето дали постои македонска нација. Кон крајот на 50-те г. од XX век, бугарската страна одбила да ги признае Македонците како национално малцинство и почнала да го смета населението во Пиринскиот дел како етнички Бугари, а Македонците кои живеат во Југославија, како вештачка нација создадена од политички интереси. Овие спорови околу народноста и јазикот на Македонците, довеле до ситуација, што македонскaтa тематика била целосно исклучена – забранета од научната дејност на советските научници.
Во 70-те г., присутна е тенденцијата советските проучувачи да се држат до една средна линија, односно развојот на национално-ослободителното и културно-просветното движење во Македонија во поголемиот дел од XIX век да го прикажуваат како дел од единствениот пат на бугарската национална преродба.
Дури, во раните 90-ти на XX век, руските автори се осмелуваат да укажат, дека македонското прашање во различни историски периоди, изразувало различни содржини, односно, политичката компонента (по 1878) неизбежно довела до актуализација на уште еден аспект на македонското прашање – етничкиот, определувањето на националноста на автохтоното словенско население.
Ете, во овој временски исечок, македонската држава, а особено македонската историска наука беа истрајни чинители со свест и со знаење, неотстапувајќи пред сенката на големиот СССР (Русија)!
Сега пак, кога Исток нè отпиша, а Запад „не нè запишуе“ – алијас ЕУ (Германија) е во улога да им угодува на бугарските патрдии и негации на македонизмот, како историски процес и идеологија! Значи, она што ни се случува последниве години и месеци има своја историска логика.
Нам, на Македонците треба да ни стане јасно дека треба да се извлекуваат поуки од минатото, заради правилно постапување во сегашноста и однесување во иднината. Стерилниот плурализам на „Р Северна“, неспособен за правилен однос кон македонското прашање, нè одведе во политичка сива зона во која сè уште е отворено македонското прашање, што за нас, претставува политички, национален и безбедносен предизвик!