На денешен ден Македонија тргна и сама се избори за слободата

Денеска Македонија слави голем празник. Седумдесет и осум години од почетокот на антифашистичкото востание.

Востанието против фашизмот воедно е и почеток на борбата за ослободување на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија станала жешко подрачје за окупаторот и со многу жртви дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна. Тоа е факт со кој Македонија треба да се гордее. Македонија била на вистинската страна.

11 октомври е продолжение на слободарските традиции и напори на македонскиот народ кои биле манифестирани и порано преку Карпошовото, Разловечкото, Кресненското, Илинденското востание…

Македонија на овој ден треба да се потсети дека по почетокот на востанието низ четири годишната војна со фашистите, сама се избори за својата слобода.

Македонија (читај родители, училишта, медиуми) барем на овој ден треба и да се потсети, дали доволно се потсетуваат младите на овие факти.

За почеток на востанието се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествувале 16 партизани, распределени во три групи. Првата го нападнала бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.