На граничните премини денеска само со нови документи, Албанија пушта и со стари лични карти

Протокот на возила на сите гранични премини на Македонија со соседните држави се одвива нормално, без застој. Од полноќ возилата се пропуштаат според наредбата на власта со која престанаа да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што не го имаат и „Северна“ во името на државата.

Грчките погранични служби на граничниот премин Богородица-Евзони не им дозволиле влез на патници од нашата држава, кои имале сообраќајни дозволи со старото име на државата. Тие биле вратени, а покрај сообраќајните дозволи детално ги прегледувале и останатите патни исправи. На овој граничен премин до 12 часот поминале околу 300 патници без поголеми задржувања за поминување на границата.

Согласно билатералниот протокол со Албанија, сообраќајот се одвива нормално со важечки патни исправи и со возачки дозволи и регистерски таблички без фамозната и нејасна ознаката НМК. Граничниот премин Ќафасан, со соседна Албанија, од македонска страна го напуштиле граѓани со стара лична карта без додавката Северна и не се вратени, односно се пропуштени и од албанските гранични служби.

На тој граничен премин од полноќ до 10 часот утрово, вкупно 837 патници направиле влез и излез од државата.

На Ќафасан од 00 часот од полноќ до 10 часот денеска, споредбено со вчера сообраќајот на патници и возила бележи благо зголемување, се одвива нормално, непречено и без застој од албанска страна. На влез регистрирани се 62 наши државјани и 441 странски државјан, или вкупно 503 патници. На излез регистрирани се 147 наши и 187 странски државјани или вкупно 334 патници. Полициските службеници од граничен премин Ќафасан ги превземаат сите мерки и активности за полесен проток на патници и возила.

И на граничните премини „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско – албанската граница кај Дебар нема промени во одвивањето на протокот на патници и возила.

На преминот „Блато“ нормално се одвивал сообраќајот и албанските гранични власти ги примаат сите валидни документи, како и досега, согласно со билатералниот протокол. На граничниот премин, Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер и имаат право да го користат само жителите од граничниот регион, до 12 часот немало регистрано жител за влез на албанска територија.

Фреквенцијата на возила и граѓани за влез и излез во државата и на граничен премин Делчево – Станке Лисичково кон Република Бугарија утрово е во рамки на нормалата. Сите кои заминале надвор од земјава имале важечки патни исправи и документи и не бил забележан случај на патници кои сакаат да патуваат во соседна Бугарија, без соодветна документација.

Претходна вестЌе покрене ли истражна постапка Јавното обвинителство за хаосот со личните документи?
Следна вестЉупчо Коцевски именуван за Републички јавен обвинител