На крпен живот одговара скрпена уметност

Колумна на Владимир Величковски:

Малубројните изложби, празните изложбени салони и отсуство на критика ги отсликуваат состојбите во општеството потонато во општо сивило, неподвижност и дилетнатизам. Скопје стана грд, обезличен град, а такви белези добија и другите градови во земјата. На крпен живот одговара скрпена уметност, а расцепканиот дух произведува уметност на дезинтегрирање од фрагменти. Уметникот се служи со стари и нови технологии (фотографија и видео, дигитална обработка) потпирајќи се на готови формули, некои глобални односно локални теми, без потпора во “фантазмот на реалноста“ .

Сакаме да покажеме колку сме блиски на трендот, а некогаш дека припаѓаме некому и на нешто. Брзањето раѓа површност на „инстант“ уметност или задоцнета информација на „колумна“ уметноста. Нагласка е ставена на визуелноста, а не на ликовноста на творбата. Се помалку се практикува сликање на платно. Без посветеност и добра подготовка нема успешно визуелно остварување туку површно чепкање по некои, за авторот интересни елементи. Таков пристап најчесто резултира со анемично регистрирање на визуелните факти со ефекти на вистинска безизразност, без провокација од било кој вид.

Што значи називот „Критичка уметност“? Ништо посебно кога станува збор за неквалитетни дела. Неприлагодените автори се поинтересни, а оние вмрежените и сообразените не нудат ништо вредно за внимание: има примери на здружени настапи на „концептуалисти“ и „минималисти“, со нагласка на социјалниот аспект. Уметниците и критичарите смислуваат чудни називи кои ништо не кажуваат, ниту значат, но може да бидат прифатливи. Во мода се „истражувачки проекти“ за уметноста во источните земји, потценети земји заборавени од светот кој диктира свои услови. Вo урбаниот хаос може да се забележат интересни графити со израз и порака. Да се биде уметник и критичар во домашната средина е вистинска несреќаПарите и моќта го вртат светот – и уметноста.