На Мајорка падна еден метар снег

Во Шпанија беснее бурата „Џулиета“, со обилни снежни врнежи. Невремето е пропратено со силни удари на ветер и температури до минус 16, што не е својствено за овој дел од Шпанија.

Најпогодени од невремето беа Балеарските острови, познати по својата блага и пријатна клима што ги прави популарни меѓу европските туристи, особено најголемиот остров Мајорка.

– На некои места над 800 метри надморска височина на северот на Мајорка, снежната покривка за 24 часа надмина еден метар, соопшти метеоролошката служба, која врнежите од снег ги оцени како „вонредни“.

Во Мајорка силните налети на ветер достигнаа 117 километри на час, а наврна силен дожд, повеќе од 100 литри на метар квадратен.

Снег падна и во континенталниот дел на Шпанија, во Сан Себастијан на северот од земјата и во Каталонија на североисток, како и во околината на Барселона.

– Ова е најсилниот снег од март 2018 година во Барселона, соопшти метеоролошката служба.

Ниска температура од минус 16 е забележана во Арагон и Кастилја.

Претходна вестДигитализацијата е ставена на страна, важни се дигитроните за провизии?
Следна вестТренерот на Јокиќ: Кај него најмногу ме импресионира неговата скромност