На Македонија не и треба попис во кој населението нема да верува

Не мислам дека ќе добиеме реален попис, се сомневам во резултатите. Дел од граѓаните нема да се попишат од револт. Не треба да се попишуваат лица во странство. Нам ни треба статистика и планирање врз основа на реален број на луѓе во Македонија, вели скопјанката Снежана Јовановска

Македонија никако да се преброи. Колку жители има, колку домаќинства, колку… ? На сето ова со години не се даде одговор. Од 5 до 30 септември годинава, за кога е предвиден да се спроведе пописот на населението, ќе има нов обид да се даде одговорот. Се изначекавме, ќе успеат ли да го спроведат по сите правиле и норми? Поминаа 19 години од последниот попис во 2002 година, а во меѓувреме имаше прекин на пописот во 2011 година и одложување на пописот од април годинава. Дали сега се е подготвено за конечен и реален попис?

Надежта е дека состојбата со пандемијата на корона вирусот ќе биде потсмирена, но кај многумина сомнежите во објективноста на попушувањето остануваат. Сомнежите се врзуваат за законските и методолошките решенија врз основа на кои ќе се спроведува пребројувањето на населението. Конкретно, најмногу во однос на запишувањето на лицата кои потекнуваат од Македонија, а сега живеат во странство. Податоци за нив ќе можат да даваат други лица кои ги познаваат, а ќе се евидентираат како да живеат тука доколку во странство престојуваат до 12 месеци. Таквата одредба внесува недоверба кај граѓаните кои стравуваат дека ќе се „пумпаат бројки“. Впрочем партии од албанскиот блок веќе и кажуваат-најавуваат проценти.

-Не мислам дека ќе добиеме реален попис, се сомневам во резултатите. Дел од граѓаните нема да се попишат од револт. Нам ни треба реален број на граѓани кои се во Македонија и тие треба да се попишат. Дијаспората не треба сега да се попишува. За тоа треба поинаков попис, во друга прилика. Не треба да се попишуваат лица во странство, вели скопјанката Снежана Јовановска.

Сомнежи во процентите

За потсетување на последниот попис вкупното население во Македонија било од 2.022.547 лица. Инаку, стравувањето на граѓаните се дека лицата од семејствата кои можат да даваат податоци за роднините кои се во странство ќе кажуваат дека тие се иселени помалку од 12 месеци иако, можеби, заминале пред повеќе години.

-Не се согласувам со пописот и нема да се попишувам. Од референдумот за името до гласања, и ова ќе биде стапица. Се се знае однапред, ни вели Петар Ристовски.

Граѓаните стравуваат дека со напумпаните бројки би можеле да се отворат врати на барања за промени во општественото уредување на земјата. Впрочем имаше и лицитирање од политичари со бројки иако пописот не е почнат. Оттаму, граѓаните сметаат дека решенијата кои што се утврдени околу пописот не даваат гаранција за објективност.

-Немам доверба во нашиот систем воопшто, вклучувајќи и организирање на избори. Мислам дека не треба да се прави ваков попис. Треба електронски да се проверат информациите во полиција. За секого се пишува и тоа треба да се објави како статистика. Се друго е импровизација врз основ на некои минати времиња пред дигитализацијата, смета граѓанинот Димитар Ѓорѓиевски.

Сомнежи на оваа линија неодамна во интервју за „Скопско ехо“ искажа и Благица Новковска, поранешна директорка на Државен завод за статистика. Таа предупреди дека се планира попишување на лицата -државјани на земјата кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјата, без оглед дали во моментот на попишувањето се наоѓаат во земјата или во странство, а не лицата коишто се со вообичаено место на живеење во земјата. Освен ова, изјави таа, недостасуваат прашања врз основа на кои јасно ќе се утврди кој кога е иселен…

Сето ова е спорно и за граѓанката Жаклина Анастасова која смета дека не треба да се попишуваат иселените од државата.

-Прво и основно, оние што се иселени од државата, воопшто не треба да се најдат во пописот на населението, туку во конзуларните претставништва. Второ, секој полнолетен може да даде информации само за себе, никако за друг, поготово ако не живее веќе во Македонија, потенцира Анастасова.

И опозициските партии имаат забелешки од ваков вид.

-Она што ВМРО-ДПМНЕ и јас ќе го признаеме тоа е населението кое што е резидентно. Односно, кое што ќе се попише тука во септември месец помеѓу 5-ти и 30-ти септември. Останатото е дијаспора што се евидентира. Точно се знае што значи евиденција на дијаспора, точно се знае што значи попис на резидентно население, изјави тогаш лидерот Христијан Мицкоски.

Опозициска партија Левица веќе покрена постапка пред Уставен суд со која се бара исфрлање на пописот на дијаспората, трето лице да дава податоци за некој друг, трето лице да дава лични податоци како етничка припадност, да се дефинираат потребните документи…

Погрешни бројки за погрешни политики

Но, овие стравувања не наоѓаат одговор кај надлежните. Директорот на ДЗС Апостол Симовски деновиве изјави дека пописот ќе се одржи во септември и дека методологијата веќе не може да се менува оти веќе се направени прашалниците кои треба да се пополнуваат. Тој кажа дека стравува дека може да излезе во земјава да имаме само околу 1,5 милион жители поради големото иселување.

-Само во Германија живеат над 130.000 наши граѓани, секое трето новороденче се раѓа во странство. А каде се останатите европски земји, прекуокеанските земји?, изјави во едно интервју Симовски.

Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство. Меѓутоа, дилемата е зошто надлежните не прецизираа јасни механизми со кои ќе се утврдува кој колку време престојува во странство за да не биде попишан како да е тука. Ако вака остане има опасност да не се добијат точни податоци за број на население по општини и населби, стручни квалификации на луѓето… А потребата да се добијат таквите податоци за потребите на новите инвеститори во земјава за работниците, за изградба на нови објекти – училишта, градинки и слично постојано се потенцираат.

-Се сомневам во попис како статистичка операција, како политичка не. Во вакви политички констелации кога премиер има големи долгови кон ДУИ попис никако не треба да се прави. Отселените не смеат да бидат попишувани како резидентно население бидејќи пописот е потребен за идно планирање на буџетот, инфраструктурата, здравството, вели Кире Илиевски.

Ќе го послуша ли власта мислењето на граѓаните? Во пролетта се најавуваше и бојкот на пописот, за сега такво нешто нема, а со тргање на одредбите кои раѓаат сомнеж тоа и сигурно ќе се избегне. На Македонија и треба попис на кој граѓаните ќе му веруваат, а не да му веруваат одредени партии. Пописот не треба да прави нови раздори туку да донесе придобивки.

 Ако имаме 1,5 милион жители, од каде на Избирачкиот список 1,8 милиони!?

За граѓанката Жаклина Анастасова постојат и други причини за сомнежите во објактивноста на пописот.

-Со оглед на тоа што се сомневаат на бројка од 1,5 милиони жители кои се во Македонија, а избирачкиот список се уште има 1,8 милиони гласачи, ништо, ама баш ништо, не ми дава за право да верувам во веродостојноста на резултатите што ќе се добијат од пописот. Сомнежот во регуларноста на пописот е на највисоко ниво. Го бетонираа изборниот модел, избирачкиот список не го ревидираа, зошто би им верувале дека планираат да направат регуларен попис, прашува таа.

До реална бројка преку МВР, МНР, Фонд за Здравство…

-Не е добро информација за други лица да може да дава некој член на домаќинство. Може да се случи некоја стара баба или дедо да дадат податоци за 20 лица. До реална бројка на присутни тука ќе дојдеме преку евиденциите кои ги имаат МВР, МНР, Фонд за здравство, пензиско, можеби е бавно но ќе се стасува, предлага Снежана Јовановска.

Претходна вестСкопјани возеле пребрзо, за 6 часа казнети 82 граѓани
Следна вестКривична против млад скопски разбојник кој за осум часа обил 15 такси-возила