На Македонија веднаш и треба техничка влада, нема време да го чека нерешителниот Заев

Оваа оставка не е оставка, може ќе биде оставка, ќе видиме, почекајте…

Оставката на Заев треба да се прифати,а со тоа актуелната Влада веќе нема кредибилитет да одлучува сама за битни работи кои следуваат, смета Лидија Поп –Стефанија

Заев треба што поскоро да си замине, но предвремени парламентарни избори не се потребни. Час поскоро ни е потребно ново парламентарно мнозинство или техничка влада. Но, потребни ни се и нови преговарачи во спорот со Бугарија, смета Љубиша Стојчевски

 

Заминува ли премиерот Зоран Заев од функцијата или не? Ќе биде ли човек од збор или зборот како дошол така отишол? Што следува сега: преразгледување, премислување, одолговлекување…? Ќе следи ли бескрајно чекање на македонската јавност да се реши кој ќе ја води Владата во ситуација кога Македонија нема време за чекање? Пред сите нас е  период исполнет со предизвици: животниот стадард паѓа, струјата ќе поскапува и не е извесно дали ќе ја има доволно, инфлацијата демне, се инсистира на забрзани преговори со Бугарија кои одат тешко…

Мнозинството на македонските граѓани токму нерешавањето на ове работи ги осуди на изборите. Гласаа и испратија силна порака дека се незадоволни од тоа како Заев ја води државата. Самиот премиер ги повика да го оценат. Тие му ставија единица. А тој вети дека ако добие „кец“ ќе си даде оставка. Но, наместо да каже дека оставката е неотповиклива премиерот отвори нова драма дали таа ќе биде прифатена од коалициските партии, а може погледнува и кон амбасадите. Се отвори можноста за политичка игра во која со месеци ќе се спасува нечија политичка иднина, опстојувањето на власта и користење на привилегиите што таа ги носи.

Никој да помисли дека во сето тоа губитник ќе биде Македонија чии граѓани очекуваат и бараат чесна и ефикасна Влада.

-Пораката од изборите беше јасна. Актуелната Влада веќе нема кредибилитет да одлучува сама за битни работи кои следуваат. Во оваа фаза е потребно прво да се прифати оставката на Заев, да се направи една широка коалиција, да се формираат тела кои ќе одлучуваат заеднички околу најважни одлуки и потоа да се оди на избори, смета Лидија Поп – Стефанија.

Јасна порака на граѓаните

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ освои 42 општини и градот Скопје, а СДСМ само 16 градоначалнички места, при што односот на гласовите беше 316.532 наспрема 260.418, односно, разликата беше 56.114 гласови. Граѓаните решија да го свртат грбот на скандалите, аферите, арогантноста, неисполнетите ветувања, неодговорноста, мали инвестиции, падот на животниот стандард, откажувањата од македонската историја… Во многу земји, по ваквиот исход на локалните избори веднаш се трга во процес на организирање и на парламентарни избори со цел да се добие власт која ќе ги одразува ставовите и желбите на граѓаните. Зошто Македонија би била исклучок од ваквата пракса? Ретки се земјите кои може да функционираат и во ситуација кога имаа премиери во оставка, нејасно мнозинство…

– Неизвесноста со оставката на Заев секако лошо ќе се одрази во државата. Не треба да се чека некаков законски рок за продолжување на функцијата. Сеедно каква ќе биде одлуката на Заев, потребна е реконструкција и на Владата и на партијата СДСМ. Без тоа не е можно ништо квалитетно да се промени во државата, смета Владимир Аневски, пензионер од Куманово.

Што може да се очекува: Заев да се премисли и натаму да остане премиер; актуелното владино мнозинство да определи нов премиер и да се изврши реконструкција; да се создаде ново парламентарно мнозинство од страна на опозицијата со нова влада; да се оди на предвремени парламентарни избори. За сето ова е потребно време но најмногу време ќе се загуби доколку се дозволи предолго да трае неизвесноста околу тоа дали Заев ќе биде и натаму премиер или не. Повеќето од граѓаните кои ги анкетираше „Македонско ехо“ се на ставот дека изборите во овој момент не се неопходни, но дека е неопходно заминувањето на Заев и создавањето на ново владино мнозинство или на влада на широка коалиција во која би влегла и опозицијата.

– Заев треба што поскоро да си замине, но предвремени парламентарни избори не се потребни. Час поскоро ни е потребно ново парламентарно мнозинство или техничка влада. Но, потребни ни се и нови преговарачи во спорот со Бугарија кои нема да прават отстапки, смета пензионерот Љубиша Стојчевски.

Одлуки без легитимитет

Сепак, се чини дека актуелното владино мнозинство сега не размислува за откажување од Заев и широка коалиција туку гледа да купи време до крајот на годината. Изгледа калкулацијата им е на самитот на ЕУ во декември да има позитивни сигнали да се деблокира закочена евроинтеграција и потоа во еуфорија да си продолжи да владее. Но, дали ќе направи отстапки кон Бугарија на сметка на македонскиот национален и јазичен идентитет? Ова би значело дека некое компромисно решение би требало да се постигне во наредниве недели и зад него би стоеле претставниците на актуелната владина коалиција. Но Владата, се покажа на изборите, веќе ја нема довербата на мнозинскиот дел од граѓаните во земјава.

– На Македонија во овој период и треба консезуална влада од широк фронт, ако на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ им е до Македонија. Се разнебитува државата, Македонците се многу поделени и тоа е најопасно за самобитноста. Треба да се стави рамка за црвени линии. А во однос на преговорите со Бугарија јас сум за тоа веднаш да бидат прекинати, смета Кемаил Сами, професор по историја од Кичево.

Од друга страна, актуелната Влада веќе го скроила и државниот буџет за 2022 година тежок цели 4,4 милиајрди евра. Ваква државна каса е креирана врз основа на процентката дека вгодина економијата ќе оствари раст од 4,6 проценти, а инфлацијата ќе биде 2,4 проценти. Но и за ова веќе во јавноста се поставува прашањето на легитимноста во носењето на најважниот финансиски документ во државата и пред се со тој буџет да управува Влада која е во оставка. Министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ деновиве предупреди дека земјата ќе влезе во криза ако се прифати оставката. Но, зарем нема да настапи криза ако таа не се прифати?

Заради сето потребно е што побрзо да се расчисти дилемата околу оставката на премиерот Зоран Заев и да не се дозволи таа да навлезе во долга и бескрајна неизвесност. Интересите на државата и на сите нејзини граѓани сепак се поважни од интересите на некои партии кои се дел од владината коалиција.

Купување на време до крајот на декември

Актуелни владини коалициски партнери на средбата во понеделник побараа оставката на Заев, која се уште не ја поднел во писмена форма, да биде ефектуирана дури во декември. До тогаш, по самитот на лидерите на земјите-членки на ЕУ ќе се знае дали ќе се деблокира бугарската блокада и наша земја ќе го добие датумот за почеток на преговорите за членство во европското семејство. Но, за деблокадата нема никакви гаранции и сето ова може да значи дека во наредниве два месеца, а можеби и потоа Владата ќе функционира со премиер кој најави оставка. А сето тоа наликува на купување на дополнително време.

Претходна вест„Танец“ и Влатко Стефановски вечерва ги отвараат „Есенските музички свечености“
Следна вестЧии оставки се следни во СДСМ, чии суети се поголеми?