На Миконос уапсени тројца македонски државјани, меѓу нив и ќерка на политичар

Тројца македонски државјани, двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка, во средата биле уапсени на грчкиот остров Миконос, под обвинение за трговија со дрога, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека по темелна полициска истрага, било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос“ и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.

Уапсените биле организирани во криминална група, со конкретни улоги, едниот бил набавувач и имал лидерска улога, останатите биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници на дрога.

Освен дрогата, грчката полиција кај уапсените пронашла и запленила три мобилни телефони, 2.370 евра, како и мотор со кој ја пренесувале дрогата.

Грчкиот весник „Прототема“ објави дека едно од уапсените лица е и позната инфлуенсерка од Македонија која е и ќерка на политичар. Девојката која уште е опишана и како 21 – годишна русокоса со многу следбеници на Инстаграм и чија мајка е правник/адвокат, оперирала заедно со уште двајца македонски државјани и еден познат либански ди-џеј. Лидер на групата бил 34 – годишен скопјанец, десна рака му бил 35 – годишен сонародник а четвртиот уапсен во групата, либанскиот државјанин, живеел во Атина и потекнува од ситуирано семејство.

Според грчкиот весник, секој член на групата имал свои задачи, а полицијата ги следела веќе подолго време. Либанскиот ди-џеј кој е уапсен како дел од групата се претставил како клиент на групата од Скопје. Пред полицијата, според Прототема, дал исказ дека тој само купувал дрога од криминалната група. Кај него полицијата нашла 3,7 грама кокаин.

Претходна вестМора ли состаноци на Маричиќ да завршуваат со муфте ручек?
Следна вестПочнаа блокадите по Македонија, се бара власта да каже „Не“ за францускиот предлог