На отпадот во скопското село Орман завршувала згурата носена од Пробиштип, изјави денеска министерката за животна средина Каја Шукова. Таа рече дека се уште се чекаат конечните лабораториските анализи за да се утврди за каков отпад се работи. Најави дека во овој случај ќе бидат изречени парични казни и најверојатно и кривични пријави за прекршителите.
-Лабораториските анализи уште ги чекаме, за жал. Секој ден сме во контакт со лабораторијата, заедно со Државниот инспекторат за животна средина. Ветија дека ќе ги имаме најдоцна до понеделник. Утврдивме дека таму има незаконски дејствија. Носена е згура од Пробиштип во Скопје и оној што го направил прекршокот прво ќе го санира местот, а и ќе плати за прекршокот. Нема да дозволиме во иднина повторно истата активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип на отпад станува збор, рече министерката на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023.
На новинарско прашање дали ќе побара одговорност од сопственикот на отпадот, Шукова истакна дека во моментов не може да даде други податоци бидејќи, како што рече, целата оваа постапка се води од Градот Скопје, а не од државата.
-Не можам во моментов да ви кажам, бидејќи Градот Скопје ја води постапката, а не државата. Таа е во локална надлежност. Слушнавме дека станува збор за приватен плац, а дали станува збор за лице или фирма, тоа во моментов не можам да ви кажам, бидејќи на увид не беше Државниот инспекторат, туку локалниот инспекторат. Кога ќе има информации Градот Скопје, мислам дека соодветно ќе ја информира јавноста. А ако им треба помош, во секое време може да се обратат до Државниот инспекторат за соодветна помош, рече таа.
Казната за ваков прекршок за физичко лице е 250, а за фирма 120.000 евра. Во скопски Орман е пронајден опасен отпад, а државниот инспекторат за животна средина лоцирал одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии со проценка од околу 500 до 600 тони.