На СДСМ отсекогаш му одеше добро распродажбата на државен имот, но нели се реформира?

„Повелете, навалете, се продава…“, скоро во ваков стил премиерот Зоран Заев и владините претставници деновиве најавија продажба на капитални работи кои ги поседува државата Македонија и нејзините компании како имот. Се објави дека ќе се продаваат Железници-Транспорт, Македонска пошта, Еурокомпозит, Тутунскиот комбинат-Прилеп, ресурсот Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ Неготино...

-Заинтересирани имаме веќе од Австрија, Словенија, Романија, Чешка, од земји на Вишеградската група да инвестираат во такви дејности. Анализата покажува дека земјоделското земјиште по пазарни цени што е во државна сопственост вреди повеќе од две милијарди евра. Од тоа се очекуваат 200 до 300 милиони евра во 2021, 2022 и 2023 година, изјави деновиве Заев.

Ете, така премиерот Заев ќе го спасува државниот буџет. Со последниот ребаланс и рекорден дефицит од 8,4 проценти, остана кусок е од многу стотици милиони евра кој треба да се пополни. Со надворешното задолжување веќе тешко оди. Државен долг на крајот на септември стаса до највисоките 6,6 милијарди евра, а што е за 1,1 милијарда евра повеќе отколку на почетокот на годината.

Владините претставници објаснуваат дека најголем дел од тие надворешни задолжувања се потрошени за ублажување на економско-здравствените последици од кризата со корона вирусот. Но владините преставници никако да кажат колку заштедиле во овој период, каде се кратени непродуктивни трошоци за да не мора да се распродава имот или да се земаат тешки кредити.

Да, многу искуствата покажуваат дека државата не е добар стопан и дека некои имоти подобро работат во приватни раце, но покажуваат и тоа дека државата досега ги продала и „бомбона бизнисите“ какви што беа ЕСМ, Телеком… од кои можеше и сама да профитира.

Дали оваа најавена продажба навистина и е неопходна на државата? Не можеше ли потребните пари да се обезбедат на други начини. На пример, со откажување од набавките на службените возила чиј број сега во државата стаса до 2.600 автомобили, а не се запира со наваките и на коли вредни и по 60.000 евра. Не само тука може да штеди државата туку и во повеќе други области, но такви најави се уште нема. Излегува дека е најлесно да се продаде имотот за кој со децении работеле вработените во овие државни компании. И што е најлошо, есапот од планираната заработувачка од две милијарди евра на пазарот може да излезе сосема погрешен и на крај бројките да бидат многу помали. 

Има време уште за да се подразмисли. Факт е дека на СДСМ му оди добро распродажбата на државен имот уште од приватизацијата при крајот на минатиот век, но нели партијата се реформираше на поарно?

Претходна вестКазни за 235 возачи во Скопје, секој трет непрописно се паркирал
Следна вестВо сообраќајката на „Партизанска“ повредени шест лица