На сиромашните им помагаат едни те исти фирми, нови ретко се појавуваат

Со Тони Станковски од Здружението на граѓани „Љубезност“, кое им помага на бездомници и социјално загрозени семејства и поединци, зборуваме за грижата кон оваа категорија на граѓани, за односот на населението кон нив…

Колкав е бројот на луѓето на коишто им помагате со својата хуманитарна работа? Се зголемува ли тој или опаѓа?

-Има многу наши граѓани и семејства на кои што им е потребна хуманитарна помош бидејќи живеат во слаби материјални услови. Колку се точно, тешко е да се каже, но тоа го потврдуваат и официјалните податоци. Познато е да околу 300.000 – 400.000 наши сограѓани живеат во сиромаштија, да од 120.000 – 150.000 се корисници на најразлични видови на социјална помош која ја дава државата… Што се однесува конкретно до нас, ние секоја сабота во центарот на Скопје делиме топол оброк на меѓу 170 – 230 граѓани, а во текот на годината посетуваме и им помагаме на околу 300 семејства, на околу 140 семејства, преку соработка со други организации, им обезбедивме донатори да им платат 1.150 сметки за струја во вредност од 47.000 евра. За бројот на бездомниците не се знае точно колку изнесува. Се наведуваат бројките дека во Скопје ги има од 300 до 500. Некои уште спијат по улици, станици, чекалници. Сето тоа доволно зборува. Од почетокот на пандемијата бројката на луѓето на кои им е потребна помош се зголеми. Има доста кои останаа без работа па побараа помош. Сега таа бројка е стабилизирана но, пак, има доста граѓани кои не знаат што утре ќе јадат и каде ќе преспијат.

Што се правите како помош на луѓето кои се во незавидна состојба?

– Освен хуманитарна помош која им ја обезбедуваме во вид на храна, хигиенски средства, облеки, постелнина… паралено се трудиме да го водиме и процесот на нивната ресоцијализација. Односно, да им помогнеме повторно да застанат на нозе ако тоа го сакаат. Не сакаке да се навикнат на тоа цел живот да примаат хуманитарна помош. Им нудиме социјална, медицински, правна помош… На пример, да дојдат до лекари, да извадат лични карти, да знаат како да конкурираат за работа, им даваме придружба по институциите за да тргнат од некој почеток. Вакви организации има повеќе во градот, како на пример, „Свети Спас“ од Драчево, Здружение на млади правници, АДРА…

Колку се хумани граѓаните кои се во подобра материјална состојба, колку се дарежливи фирмите?

-Позитивно е тоа што голем број на граѓани сакаат да помагаат и со тоа се потврдува дека чувството за хуманост постои. Има и фирми кои се вклучуваат, но тоа, сепак, е помалку во однос на граѓаните. Бројката на фирмите е ограничена и тоа е најчесто резултат на чувствата коишто ги имаат нивните раководители. Всушност, ни се случува да во хуманитарни акции најчесто се вклучувата едни те исти фирми, постојано или повремено. Нови ретко да се појавуваат. А би требало. Сепак, постои нешто што се вика и корпоративна одговорност.

Дали начинот на помагање кој е воспоставен во Македонија е доволен или се потребни некои промени?

-Потребите со големи и потребно е да се направи некоја промена во грижата која ја водат државните и општетсвените организации. Мислам дека треба да се јакне соработка и координација меѓу хуманитарни организации и општински и државни институции. Знаете, ние како хуманитарни организации имаме најголем број на контакти со загрозените граѓани. Знаеме каде и во кои тешки услови живеат, што им е потребно, какви проблеми имаат… Општинските и државни органи својата грижа често ја завршуваат со исплати на социјални надоместоци. Потребне е општинските и државните органи да ја дадат својат поддршка на хуманитарни здруженија на локално ниво со која нивните капацитети и активности ќе се зголемат. На таков начин ќе се допре до повеќе загрозени граѓани. Односно, да се направи еден вид институционална врска со која ќе им се помогне на здруженијата кои работат на терен.

На луѓето кои се во слаба материјална положба им треба да застанат на свои нозе. Потребна им е работа иако во некои случаеви се среќаваме и со тоа да сакаат цел живот д апримаат социјална помош а не сами да заработуваат. Има и такви кои не сакаат да им се обезбеди сместување туку си продолжувата да живеат по улици. Секој случај е приказна за себе, но грижа мора да се води и да се стаса до сите.

Претходна вестПолицијата казни 217 возачи во Скопје, 33 возеле под дејство на алкохол
Следна вестПравам разни проекти од културата, тоа ме прави исполнета и среќна