На Скопје му тежат спомениците, оние од НОБ ги запостави, од античките се откажа…

Скопје стана град преплавен со споменици, ама стана и град преплавен со неодговорност кон тоа што се поставило како украс и потсетник на македонската историја. Античките споменици, ги „дадовме“ на Грците и ќе им ставаме плочка со објаснување, но зошто се запоставија оние паметници кои ни ја одбележуваат поновата историја?
Еве еден пример: Спомен – плочата која што го одбележува местото на кое во 1941 година била куќата каде се правеле мини кои партизаните ги користеле против фашистичките окупатори, веќе е цела искршена. Недостасува големо парче од горниот дел, а остатокот е со видливи пукнатити. Посетителите одвај можат и да прочитат што пишува на неа. Всушност, и да сакаат да прочитаат не можат да му пристапат на обележјето од НОБ оти е опколено со паркирани автомобили. Така е веќе со години.
Еве уште еден пример: На зградата од Градскиот ѕид кај Зелено пазарче има уметничка композиција која е обележје за паднатите жртви кои биле убиени од страна на фашистичките окупатори веќе не се ни гледа. Ја прекриле гранките од две стебла пред неа кои не се поткастрени со години. А доколку обележјето стане видливо срамот би бил уште поголем: уметничката творба е речиси цела прекриена со птичји измет. Едвај се чита натписот: „На хероите ѕверски убиени од бугарскиот фашистички окупатор, на синовите кои го слушнаа гласот на својот народ…“ Впечатокот е дека огромното мнозинство скопјани веќе и не знае дека тука има споменик.
– Хероите си ги газиме, а денешните антихерои кои седат во држаните институции се величаат. Ме чуди дека СДСМ не е заинтересиран барем за овие споменици, бидејќи тие се еден вид наследници на комунистичката партија. Но изгледа сега се мисли само на своите споменици во вид на скапи куќи и викендици. Никаде во светот не е вака да се гази по минатото, категорична е центарката Благица Л.
И десетина други обележја кои се направени за да се запомнат настани и личности од народно-ослободителната борба против фашистичките окупатори се оставени сами на себе иако кога требало тие личности не ја оставиле Македонија беспомошна.
Оставени да пропаѓаат
Според сознанијата, има вкупно 183 најразлични спомен обележја поврзани со настани од НОБ кои се поставени во изминативе децении на најразлични локации.
– Луѓе животи даваа за Македонија, ние не може ниту малите споменици да им ги одржуваме. А Градот Скопје куќа дека има превработени, ни прокоментира скопјанец додека фотографиравме зад самото Собрание на РМ каде е обележјето на борецот во НОБ- Роберт Гајдиќ кое е со запустена околината: искорната трева, гола земја, во непосредна близина оставени железни браници кои полицијата ги користи кога има протести на граѓани…
Обележјето на куќата на борецот Душко Поповиќ во Ново маало е во слична околина и плус целата е исчкртана. Вандалско чкртање има и на обележјето на куќата на борецот Периша Савелиќ кој го дал животот за Македонија во 1942 година. Дури и натписот на кој се објаснува што е овој споменик тешко се чита.
-Навистина е срамно спомениците од една херојска епопеа, така да бидат скрнавени. Тоа е одраз на непочитување на претци и историја, но и одраз на вулгарноста на конзументската, површна и примитивна сегашност, ни рече Љубица Поп Талеска.
Што затекнавме во Градски парк каде има неколку бисти на македонски херои од Втората светска војна? Таа на Цветан Димов веќе не се препознава бидејќи е испрскана со спреј кој никој не се обидел да го исчисти. Извалкан е и постаментот, исто како што е случај и со споменикот за поетот Коле Неделковски. Срамно делува и кога ќе се види ишараниот постамент на еден од најголемите македонски поети Кочо Рацин во близина на Градскиот стадион, како и тој на Орце Николов…. Сите тие се лоцирани во непосредна близина на седиштето на Градот Скопје, и баш е чудно никој да не ги забележи.
Сега ги нема невладините протести
Пред четири години разни активисти организираа протестни прошетки по градот заради негрижата и заборавање на спомениците од НОБ на подрачјето на градот. Целта беше да се алармира и да се укаже дека проектот „Скопје 2014“ ги потиснал овие обележја и со што е маргинализирана НОБ. Тие од градските власти на чие чело беше тогашниот градоначалник Коце Трајановски побараа враќање на некои дислоцирани споменици и поголема грижа за останатите. Дел од тие активисти сега се вработени во службите на новиот градоначалник Петре Шилегов. Дали нешто направија проценете сами. Слушнавме дека добиваат градски пари за некои свои проекти, ама дали се за спомениците, не се знае.
И самата боречка организација, како целина, ова прашање досега не го актуелизира како проблем бидејќи најголемиот дел од нејзините активности се врзани за достоинственото негување на традициите на НОБ.
-Состојбата со спомениците од НОБ не е добра во Скопје, но не е ништо подобра ниту во другите градови и населени места. Според мене, за да се реши овој проблем неопходно е да се донесе нов закон за спомен-обележјата. Со него прецизно ќе се дефинираат активностите, буџетот за истите и надлежните за спроведување, смета Мирче Неделковски.
Дали е до закон или до тоа дека имаме „модерни“ функционери кои гледаат само во иднината и баш им е гајле што така не е во ниту една држава во регионот?

Само спомениците во „Жена парк“ се оддржуваат
Забележливо е дека спомениците поставени во „Жена парк“ спроти парламентот се одржуваат како што треба. Значи има некој совесен кој се сетил на нив. Зошто не е така и за останатите обележја? Нема повеќе совесни лица на одговорни функции?

Борците бараат донации за да надокнадат украдени бисти
Боречката организација на општина Гази Баба деновиве е во потрага по донации од разни фирми за повторно да се направат бистите на првоборците Вера Јоциќ и Дане Крапчев. Бистата на Јоциќ е украдена од постаментот пред истоименото училиште уште пред 20 година, а на Крапчев пред 15 години.
-Сите овие години не можеме да издејствуваме пари за да се обноват бистите. Потребни ни се по околу 2.000 евра за да се направат во бронза. Од општина Гази Баба донесоа одлука да ни доделат по 1.000 евра но тоа не е доволно. Упативме барање до повеќе фирми да донираат за тоа, но се уште немаме одговор, ни рече Трајче Георгиевски, секретар на општинската боречка организација од Гази Баба.